X
 15.08.2024 Живот

Јапонија се подготвува за земјотрес што се случува еднаш во 100 години. Дали е претерано?

Откако делови од Западна Јапонија се соочија со земјотреси на крајот од минатата недела, властите почнаа да дејствуваат. Метеоролозите предупредија на можно цунами, а специјалниот комитет за прв пат издаде предупредување за зголемен ризик од „исклучително голем земјотрес“.

Надлежните ги повикаа жителите да бидат внимателни и нагласија дека предупредувањето не значи дека ќе се случи мегаземјотрес, туку дека веројатноста за таков е поголема од вообичаената. Предупредувањето е издадено неколку часа откако островот Кјушу го погоди земјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтер, по што нема информации за поголеми штети. Експертите препорачаа претпазливост бидејќи епицентарот бил на работ на пукнатината Нанкаи, област на сеизмичка активност што се протега по должината на јапонскиот брег на Тихиот Океан.



Властите препорачаа жителите да бидат подготвени во секое време во текот на наредните денови, да имаат доволно залихи, а оние кои не можат брзо да се евакуираат да размислат привремено да се преселат во друга област. Заедно со горенаведените предупредувања, брзите возови превентивно забавија, а премиерот ги откажа патувањата во странство.

Огнен прстен


Иако властите подоцна ги укинаа повеќето предупредувања, голем дел од земјата и понатаму е во состојба на висока подготвеност. Јапонија често е погодена од силни земјотреси. Се наоѓа на Огнениот прстен, серија од најмалку 450 активни и привремено неактивни вулкани по должината на крајбрежните области низ Тихиот Океан.

- Јапонија се наоѓа на границите на четири тектонски плочи, што ја прави една од областите со најмногу земјотреси во светот. Околу 10 отсто од земјотресите во светот со магнитуда од 6 или поголеми се случуваат во или околу Јапонија, така што ризикот е многу поголем од во Европа или во источниот дел на САД - вели Шоичи Јошиока од Универзитетот „Коби“ во Јапонија.



Најлошиот земјотрес во поновата историја на Јапонија се случи во Тохоку во 2011 година. Тој беше со јачина од 9,1 степен и предизвика големо цунами и нуклеарна катастрофа. Загинаа околу 20.000 луѓе. Вакви мегаземјотреси го погодуваат регионот на секои 90 до 200 години. Експертите веруваат дека постојат 70 до 80 отсто шанси земјотрес со јачина од 8 или 9 степени да ја погоду пукнатината во следните 30 години.

Пукнатината Нанкаи

Пукнатината Нанкаи е субдукциска зона долга 700 километри, каде тектонските плочи се лизгаат една под друга. Во овој случај, тектонската плоча под Филипинското Море полека се лизга под континенталната плоча на која е Јапонија, поместувајќи се неколку сантиметри секоја година.

Како што веќе е споменато погоре, екстремно големи земјотреси ја погодуваат пукнатината на секои 90 до 200 години, а последните се случиле во 1944 и 1946 година. И двата мегаземјотреси биле со јачина од 8,1 степени. Тие ја опустошиле Јапонија, најмалку 2.500 луѓе ги загубиле животите, а десетици илјади куќи биле уништени.

Јошиока верува дека веројатноста од 70 до 80 отсто дека мегаземјотрес ќе ја погоди пукнатината Нанкаи во следните 30 години е малку претерана, но дека таков земјотрес сигурно ќе се случи.

- Како што им велам на студентите, дефинитивно ќе има земјотрес во пукнатината. Можеби во вашата генерација, можеби во генерацијата на вашите деца - вели тој.

Сеизмологот Роберт Гелер од Универзитетот во Токио е поскептичен, велејќи дека мегаземјотресот е измислена конструкција и чисто хипотетичко сценарио. Исто така, тој врди дека земјотресите не се случуваат во циклуси, туку можат да се случат секаде во секое време - што значи дека нема смисла да се пресметува кога ќе се случи следниот земјотрес врз основа на тоа кога се случиле претходните.

Но, не сите сеизмолози се согласуваат со него. Експертите долго време се потпираат на теоријата дека потресот полека се акумулира по раседите на две тектонски плочи, кој се ослободува во циклуси во форма на земјотреси, иако неодамнешните студии покажаа дека тоа не е секогаш така.

Дури и да постои потенцијална закана, Јошиока и Гелер веруваат дека шансите за мегаземјотрес се исклучително мали и дека властите претерале со некои мерки минатата недела.

- Вистина е дека по првиот земјотрес може да следи втор, посилен - поради што властите издадоа предупредување без преседан во четвртокот. Но, дури и тогаш, веројатноста да се случи земјотрес во пукнатината Нанкаи наредниот ден, е многу мала - вели Јошиока.

- Граѓаните ќе се уморат од ваквите предупредувања - вели Гелер, но засега нема знаци на замор на јавноста, а луѓето ширум земјата се во состојба на висока подготвеност.

Извор: Index.hr
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот