Супер-тајфунот „Мангкут“ има брзина на ветрот поголема од брзината на ветрот на ураганот „Флоренс“. Пустошот што зад себе го оставаат двете бури е голем.
Тајфунот „Мангкут“ стигна до Филипини. Тој има брзина на ветрот од над 200 км на час и со себе носи огромни дождови. Од лизгање на земјиште загинаа двајца спасувачи, а се стравува од зголемување на бројот на жртвите.
Штетите на североистокот на Филипини се големи - урнати далноводи, откорнати дрвја и покриви, блокирани улици... Во големи делови на земјата има прекини на електричната и телефонската мрежа.
Експертите сметаат дека „Мангкут“ е поопасен од ураганот „Флоренс“ во САД, кој досега однесе пет жртви. Иако ураганот загуби на сила и сега е категоризиран како тропска бура, тој предизвика големи поплави и штети.
„Флоренс“ сега е категоризиран како тропска бура, но останува опасен
Метеоролозите во САД сметаат дека за два-три дена ќе наврне толку дожд колку што инаку паѓа за 8 месеци.