X
 17.05.2024 Наука

Геолог тврди дека ја решил мистеријата поврзана со Мона Лиза, ремек-делото на Леонардо да Винчи

Иако Мона Лиза е една од најпознатите слики во светот, сепак, е обвиена во мистерија. Оваа слика создадена од Леонардо да Винчи е препознатлива по мистериозната насмевка.

Поминаа повеќе од пет века од нејзиното создавање, но и понатаму има многу прашања поврзани со секој детаљ од овој портрет.

Ен Пизорусо, ренесансен геолог и историчар, верува дека решила една од овие мистерии - местото каде што била создадена сликата. Таа го искористила сопственото знаење за да го идентификува пејзажот насликан на портретот.

Мостот од 14 век кој се гледа во заднина покажува дека сликата била создадена во италијанскиот град Леко, на брегот на езерото Комо, во регионот Ломбардија.

Комбинирајќи ги двете научни области со кои се занимава, Пизорусо смета дека Леонардо не бил само уметник, туку и голем геолог.

- Сметам дека Леонардо бил татко на геологијата, а еден од неговите заштитни знаци е геолошката точност. Ако погледнеме која било слика со камења или растенија, ќе видиме дека сè е направено совршено природно и препознатливо. Кога ги гледам неговите слики и цртежи, гледам географски пејзажи - вели таа.

wikipedia
Фото: Wikipedia

Историчарите на уметност со години се обидуваат да го идентификуваат мостот на сликата на Мона Лиза.

- Дознав дека речиси сите обрнале внимание на мостовите, што е како да барате миникупер (автомобил). Во Италија ги има на секој чекор - додава таа.

Пизорусо ги поврза геолошките карактеристики на портретот на Мона Лиза со Леко, град на брегот на езерото Комо во Северна Италија, каде што таа верува дека било насликано делото.

- Леонардо поминал многу време во близина на Комо, обидувајќи се да изгради канал од Милано до ова езеро, а не можел да го направи тоа бидејќи имало премногу карпести делови - додава таа.

Пизорусо сугерира дека планинскиот венец на сликата ги претставува Алпите, за кои се знае дека Леонардо ги посетил.

Со цел прецизно да ја одреди локацијата, Пизорусо користела геолошки апликации како „Гугл мапс“ и „Гугл ерт“, како и дронови.

Теориите од 2011 година покажуваат дека мостот и патот што се наоѓаат на портретот на Мона Лиза се поврзани со Бобија, мал град во Северна Италија.

Според тврдењата од 2023 година, Леонардо да Винчи насликал мост во провинцијата Арецо. Во минатото, и мостот Понте Ромито бил поврзан со сликата на Мона Лиза.

Леонардо да Винчи, авторот на сликата, не бил само уметник, туку и скулптор, инженер, научник, математичар и пронаоѓач. Иако поминале повеќе од 500 години, неговите откритија го отворија патот за денешниот начин на живот.

Извор: ВВС
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука