X
 21.04.2021 Технологија

Зошто летањето на хеликоптерот на Марс е толку голем подвиг?

НАСА го спроведе својот прв лет на друга планета во понеделникот со помош на малиот хеликоптер „Инџенуити“, кој демонстрира технологија што може да се покаже клучна за иднината на истражувањето на вселената.

Хеликоптерот пристигна на Марс заедно со роверот „Персевиренс“ на 18 февруари. Како што САД и другите нации се подготвуваат да ги испратат астронаутите на Месечината и на крај да слетаат на Марс, користењето беспилотни летала за внимателно проценување на околината ќе стане сè поважно.

- Сега го имаме моментот на браќата Рајт. Ова беше првиот одличен лет - изјави Мими Аунг, проект-менаџер за „Инџенуити“, од контролната соба во лабораторијата за реактивен погон на НАСА.
Научниците имаат испланирано уште четири лета за хеликоптерот во текот на мисијата за да ја демонстрираат одржливоста на технологијата во тенката атмосфера на Марс, непријателска средина за која е потребен воздух за полетување (атмосферата на Марс е 100 пати потенка од онаа на Земјата).

Навистина, летањето од површината на Марс е еквивалентно на летање на повеќе од 26.000 метри на Земјата, во суштина трипати поголема од висината на Монт Еверест. Рекорд на висина за лет на хеликоптер на Земјата е 12.500 метри.

Составена претежно од јаглероден диоксид, помалку густата атмосфера бара брзина на вртење на пропелерите од 2.400 вртежи во минута за хеликоптерот да може да остане горе - петпати повеќе од она што е потребно на Земјата. Исто така, истражувачите имале само процена за тоа каква брзина на ветер може да се очекува.

- Секој следен тест ќе биде поголем ризик и за 4 метри повисоко над површината затоа што сакаме да видиме колкава е способноста на ова мало возило - вели Аунг. Најдолгиот лет ќе трае околу 90 секунди.

Летот беше одложен за една недела поради грешка откриена на 9 април при тестот со брз ротор, што го спречи хеликоптерот да премине во режим на летање. Инженерите го решија проблемот на 16 април.

Со текот на времето, летовите со беспилотни летала може да помогнат во истражување на недостапен, карпест терен или да скенираат карпи.

НАСА почна со тестирање на својот експеримент за авијација уште во 2014 година и спроведе широко тестирање на вакуумска комора за да се разбере комплексноста на летот на Марс, каде што е многу студено, температурата навечер се спушта до - 90 степени.

„Инџенуити“ и нејзините потомци мора да бидат автономни со оглед на заостанувањето на комуникациите од Земјата. Хеликоптерот има две камери, една за навигација, друга за фотографирање на теренот и мора да се поврзе безжично со „Персевиренс“ за да ги пренесе своите слики назад на Земјата.

- Ова е историски момент - прв лет надвор од планетата Земја. И ова е само почеток - изјави Дев Синг, генерален директор на „Куалком“, кој надгледува беспилотни летала и роботика.

Извор: Bloomberg.com
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија