X
 15.09.2021 Живот

За еден ученик дома - најмалку 8.000 денари

Потрошувачката „синдикална“ кошничка за август изнесува 34.342 денари и е за 214 денари поголема отколку во јули, пресмета Сојузот на синдикати. Но, оттаму велат дека ако во семејството има еден ученик, потребни се најмалку 8.000 денари, а вкупните трошоци достигнуваат и до 42.343 денари.

Учебната година започна и според официјалните податоци, родителите треба да одвојат најмалку по 8.000 денари за дете кое посетува настава во основно или во средно училиште, велат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Синдикатот секој месец ја пресметува таканаречената синдикална кошничка, во која влегуваат неопходните трошоци за едно четиричлено семејство кое нема автомобил и троши најевтини средства за хигиена. За август, ССН пресмета дека најмногу пари треба да се одвојат за храна и пијалаци - 14.633 денари, а за домување 10.818 денари. За лична хигиена 2.382, а за превоз минимум се потребни 2.529 денари. За култура 1.068 и за здравје 736 денари.

- Анализите покажуваат дека трошоците за живот постојано се зголемуваат, а платите стагнираат - велат од ССМ.

Оттаму потенцираат дека ССМ оправдано бара минималната плата да изнесува најмалку во висина од 60 проценти од просечната плата, поради тоа што ниту просечната плата ниту, пак, две минимални плати не се доволни да ја покријат синдикалната минимална кошничка.

- Ако со ваков интензитет продолжи зголемувањето на трошоците за живот и на цените, тогаш ниту три минимални плати не би биле доволни да го достигнат растот на синдикалната минимална кошничка. Поради сѐ поевидентното зголемување на цените, очигледно е дека ни треба плата за живот без да се грижиме за нашата егзистенција, со која ќе можеме да ги овозможиме трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошничка - велат од ССМ.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика, а кои се однесуваат за мај, просечната нето-плата во државата е 28.721 денар.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот