Секој од нас има сопствен поим за осмислен и исполнет живот, но постојат некои општоприфатени верувања како не би требало да го живееме животот. Во продолжение ви споделуваме десет знаци што откриваат дека си го трошите времето на погрешни нешта.
1. За сенешто приговарате
Постојано се жалите за работата, директорот, платата, соседите или брачниот партнер? Ако одговорот е позитивен, тогаш поголемиот дел од времето ширите негативна енергија. Негативноста ништо не може да промени, само ќе ви „помогне“ да не се поместите од местото. Затоа, променете го начинот на кој размислувате, и повеќе зборувајте за тоа поради кое сте му благодарни на животот, а не за тоа што не го сакате во него.
2. Не го храните својот ум
Ако не се развивате константно како личност и сте затворени за нови (по)уки, значи дека стагнирате. Токму како мирно езеро на чијашто површина се создава зелен талог. Слично се случува и со нашиот ум, ако не го држиме активен и не учиме нови работи. Позитивните предизвици во животот ќе ви го прошират умот.
3. Често зборувате негативно за себе
„Независно дали мислите дека можете или мислите дека не можете – во право сте и во двата случаи“, мудро рекол Хенри Форд. Ако самите себе си зборувате дека не сте доволно паметни за да ве унапредат на работа или за да почнете сопствен бизнис, ќе бидете во право. Ако самите себе си велите дека сте преморени за животни промени, во право ќе сте. Тоа што си го зборувате себеси – тоа е вашата реалност. Затоа, внимателно избирајте што ќе си речите, бидејќи вашите мисли и вашиот живот се едно исто.
4. Не ја планирате иднината
Секогаш е најдобро да се живее во сегашниот момент, но понекогаш треба да погледнувате во иднината, за да знаете каде одите. Ако немате цел или план, тогаш сте налик брод што бесцелно броди по океанот, надевајќи се дека ќе се закотви на некое добро место. Но, не треба така да живеете. Морате да си направите личен водич каде што ќе го разработите секој чекор што би ве однел на посакуваната цел.
5. Премногу време поминувате со луѓе кои не придонесуваат за вашиот развој
Лесно ни се случува да „заглавиме“ со луѓе кои не нè прават подобри личности. Ако премногу време поминувате со такви луѓе, ќе стагнирате како личност или тие ќе ве повлечат надолу со себе. Во колоквијалниот говор, таквите луѓе се познати како „енергиски вампири“. Ви го цицаат животот, а за возврат не ви даваат ништо позитивно. Побарајте друштво во луѓе покрај кои ќе се развивате како личност.
6. Зависни сте од мобилниот телефон
Размислете колку време му посветувате на мобилниот телефон и колку таа зависност влијае врз односите со другите луѓе. Постојано го чепкате телефонот додека вечерате со семејството? Ако го правите тоа, тогаш пропуштате квалитетно време што можете да го имате со саканите покрај вас, но исто така си го трошите времето што би го посветиле на размислување за иднината.
7. Трошите пари на неважни нешта
Постои разлика меѓу потребите и желбите, но модерното општество сè повеќе ја ништи границата меѓу двете. Многу луѓе трошат пари на најнови технолошки уреди, автомобили, а од друга страна „кубурат“ за основните животни потреби. Ако застанете и подразмислите, ќе сфатите дека нам, всушност, ни треба многу малку. Храна, вода, кров над глава и љубов. Сè останато се само бонуси. Според тоа, размислете на што трошите пари и дали можете да направите некакви промени. Можеби дел од парите можете да ги заштедите за иднината.
8. Не спиете доволно
Спиењето е нужно за добро здравје. Ако не можете да се наспиете, бидејќи сте презафатени, или имате навика да останете будни доцна во ноќта, треба да си ги преиспитате навиките.
9. Не се грижите за своето тело
Урамнотежената, здрава исхрана и движењето имаат цела низа дополнителни придобивки, покрај губењето на телесната тежина. Здравите навики влијаат на менталното здравје, и на тоа целосно да се чувствуваме добро. Размислете на својата исхрана и количеството физичка активност. Можеби набрзо ќе сфатите дека некои ситни промени можат многу да ви го подобрат животот.
10. Не излегувате од комфорната зона
„Животот почнува на излезот од комфорната зона“, вели една животна мудрост. Затоа, одважете се, преземете го ризикот што би можел да ви го подобри животот, а притоа имајте предвид дека постои разлика помеѓу ризик и пресметан ризик. Секој ризик не е сигурен, но пресметаниот ризик значи дека сте ги измериле сите опции и сте смислиле добар, разумен план на дејствување.