Идејата дека сите племиња се диви е погрешна, велат антрополозите. Еве зошто.
Кога загрозеното племе во Индија го убило Американецот Џон Ален Чау, повторно се најде во центарот на вниманието.
Индиските официјални лица тврдат дека Чау бил мисионер и сакал да го покрсти заштитениот народ Сентинелци на островите Андаман и Никобар. Но, тие се плашеле од новодојденецот. По доаѓањето на странецот тие одговориле со лакови и стрели.
Луѓето што се залагаат за заштита на изолираните племиња, како членовите на организацијата „Срвавјл интернешнл“ од Лондон, тврдат дека од овој случај треба да извлечеме лекција: оваа заедница треба да биде заштитена од надворешниот свет.
Еден антрополог во интервју за Би-би-си изјави дека постои ризик, поради ваквите настани, луѓето погрешно да мислат дека во сите племиња животот е грд, брутален и краток.
Всушност, експертите велат дека би можеле многу да научиме од изолираните племиња. Еве неколку лекции.
Не постои мир без еднаквост
Фото: AFP
Народот Пиароа брои 14.000 луѓе што живеат близу реката Ориноко во државата Амазон, Венецуела.
Што можеме да научиме од нив?
Може да се живее во апсолутна еднаквост, а ваквата заедница може да живее и во целосен мир. Постои еден услов: за тоа е потребно да се стане анархист. Нема власт, нема држава, постојат само поединци и нивната волја да го прават она што им се допаѓа.
Народот Пиароа го отфрла насилството и не ги казнува децата физички. Тие веруваат дека мирот може да се постигне со отфрлање на поимите за сопственост, конкуренција, суета и алчност.
Никој не се занимава со спорт, никој не поседува земја, никој не може да му нареди на другиот да работи, а силно се поттикнува тоа дека треба да се учи од другите. Но, постарите не уживаат посебна почит - тоа би довело до општествена хиерархија, што значи дека не се сите еднакви.
Идејата за поединецот е најважна, иако тоа не доведува до себичност. Секој одлучува да избере што, како и кога ќе работи, а одлуката на другите не се осудува.
- Тие на дневно ниво си покажуваат еден на друг дека имаат право на личен избор и право да не трпат доминација кога станува збор за широк спектар на прашања, како што се местото за живот, работа, самоусовршување, па дури и брак - пишува американската професорка Џоана Оверинг во есеј од 1989 година.
А бидејќи станува збор за општество каде што владее целосна еднаквост, мажите и жените имаат ист статус во општеството. Секој што сака да ја негува традиционалната слика за машкост се гледа со сожалување и се смета дека нема самоконтрола.
Не постои поим за преминот од момче во маж. Младите припадници на народот Пиароа не учат за машките доблести што треба да ги прифатат и што би ги одредиле како мажи наспроти жените како супериорни.
- Секоја жена сама одлучува за раѓање и за тоа е таа одговорна: заедницата нема законско право на нејзиното потомство, како ниту нејзиниот маж, доколку би дошло до развод - пишува Оверинг.
Мора да најдете своја мелодија
Фото: Jerome Lewis
Народот Бајака претставува група на ловци-собирачи кои живеат во тропските шуми во Централна Африка.
Што можеме да научиме од нив?
Дека треба да го најдете вашето место во општеството.
За овој народ, музиката зазема централно место во изградбата на личниот идентитет, а експертите тврдат дека музичкиот стил во кој уживаат го претставува нивното однесување.
- Музиката што ја пеат е густа полифонија, што значи дека секој член пее различна мелодија и со нивна комбинација се добива песна - вели Џером Луис, антрополог што го проучувал овој народ повеќе од 20 години.
Тој вели дека различните начини на кои секој од нив пее лична мелодија покажуваат колку овој народ му придава значење на поединецот.
- Тоа ве учи да бидете различни и таквите општества ја ценат самостојноста. Штом детето прооди, тоа слободно може да одлучува каде ќе спие и со кого ќе се дружи. Немате право од никого да барате да направи нешто за вас - вели Луис.
Ако не постои лидер и ако сите се слободни поединци, како овој народ успева да соработува? Уште еднаш, одговорот лежи во музиката.
- Редовното учество во тој вид пеење им покажува на луѓето како да соработуваат во секојдневниот живот. Морате да ја одржувате сопствената мелодија додека останатите ја пеат својата, различна мелодија. За да соработувате со другите и да бидете ефикасни во групата, мора да се издвојувате во нешто. Тоа е автономија во која луѓето се многу чувствителни на потребите на другите, како и на правото да бидат различни - вели Луис.
Модерен живот, модерни тела
Фото: Getty Images
Народот Јаномами, племе што живее во дождовните шуми на Северен Бразил и Јужна Венецуела, може да ни помогне подобро да ги разбереме нашите тела.
Што можеме да научиме од нив?
Истражувањето за ова племе, кое живеело одвоено од надворешниот свет до крајот на 50-тите години, ни даде нови увиди за тоа колку современиот живот може да ја промени конституцијата на човечкото тело.
Истражување од 2015 открило група бактерии што се наоѓаат кај луѓето, вклучително и некои што досега не биле видени. Тие посочуваат дека ова покажува како современиот живот, антибиотиците и хигиената може да го намалат спектарот на бактерии во нашите тела.
Полека, каде брзате
Фото: Mark Plotkin
Д-р Марк Плоткин поминал 35 години проучувајќи како изолираните племиња од Амазон користеле билки за лековити цели.
Што можеме да научиме од нив?
Дека
побавниот живот е истовремено и посреќен живот.
- Откриваме дека луѓето не страдаат од стрес, од срцеви заболувања или несоница и поминуваат време со семејството. Можеби не сме подготвени да ги фрлиме ајфоните, ајпадите и целосно да се откажеме од брзата храна, но животните лекции се јасни: забавете, немојте премногу да се грижите за она врз кое не можете да влијаeте. Јас се обидувам да живеам според тој рецепт - вели Плоткин.