X
 15.10.2019 Наука

Обратни „реки“ ги топат ледените гребени на Антарктикот

Антарктичките ледени гребени се дестабилизирани од скриени „реки“ од топла вода кои течат наопаку под гребените и ги топат од долната страна, покажува ново истражување.

Научниците со години знаеја за овие базични канали во ледените гребени, но околностите околу нивното формирање не беа баш најјасни. Сега дознаваме повеќе за феноменот и научниците велат дека е нешто што треба да го земеме предвид при моделирањето на зголемувањето на нивото на морето.

- Циркулацијата на топлата вода ги напаѓа водите под овие ледени гребени на нивните најранливи точки. Овие ефекти се важни, но сè уште не знаеме точно колку - вели глациологот Карен Али од Колеџот во Вустер, Охајо.

Ледените гребени се надворешни пловечки продолжетоци на копнениот мраз кој ги сочинува континенталните глечери. Во случајот на Антарктикот, околу три четвртини од континентот се опколени од пловечки ледени гребени, кои дејствуваат како природна бариера за да се помогне во превенцијата глечерите на ледените гребени да запловат во океанот.

Ефектот на таа природна бариера, сепак, функционира само ако ледените гребени содржат доволно ледена маса за да го заштитат текот на копнениот мраз кон морето, а како што се утврдува, антарктичките бариери слабеат.

Во 2016 година тим предводен од Али ги анализирал сателитските снимки од ледените гребени од Западен Антарктик и идентификувал обратни „реки“ на топла вода како ги еродираат гребените од долната страна, правејќи ги поранливи на распаѓање.

- Нашите набљудувања покажуваат дека базичните канали се поврзани со развојот на нови зони на пукнатини, сугерирајќи дека овие канали може да предизвикаат кршење на мразот. Заклучивме дека базичните канали можат да се формираат и да растат брзо како резултат на напливот на топла океанска вода и дека тие можат структурно да ги ослабат ледените гребени, потенцијално предизвикувајќи брза загуба на ледени гребени во некои области - истакнаа истражувачите во нивниот труд од 2016 година.

Во нова студија, продолжение на претходната, Али и нејзиниот тим повторно ги набљудувале базичните канали за да истражат што ги создава овие обратни „реки“. Излегува дека процесот најпрвин се оформува на копнената маса на самиот антарктички глечер, а не на пловечките ледени гребени, велат истражувачите.

Како што мразот плови кон морето од глечерот на копното, на рабовите од масата може да се формираат слаби региони во мразот што брзо тече. Во новата студија истражувачите утврдиле дека базичните канали било поверојатно да се формираат по маргините на овие ослабени ледени површини - последица на топлите текови на живите води кои се издигнуваат над постудените води долу и поттикнуваат топење во најранливите делови на гребените.

Како што се случува топењето, се создава канал од долната страна на слабиот регион, што предизвикува кршења.



Значи топлите води го сечат гребенот оддолу.

И додека истражувачите не знаат колку овие реки го забрзуваат процесот на колабирање на гребените и зголемување на нивото на морето, тие велат дека е важно да се проучат ефектите на базичните канали и да се вклучи феноменот во идните моделирања на промените на ледените гребени.

- Ова може да е малку важно, но може да е и многу важно. Но, знаеме дека ова ја прави поголема веројатноста за губење на ледените гребени. Овие канали ги прават слабите точки уште послаби - вели Али.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука