По појавата на салмонела кај ученици, негативни се резултатите во основните училишта во Карпош. Ова го покажале резултатите по направениот вонреден инспекциски надзор на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Во текот на денешниот ден Државниот здравствен и санитарен инспекторат, согласно своите надлежности, ќе ги отвори кујните во училиштата.
Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Рената Младеновска, информира дека во текот на вчерашниот ден биле добиени резултатите од Институтот за јавно здравје - Скопје и од Центарот за јавно здравје - Скопје, бидејќи мострите храна и брисевите од работни површини биле земени двојно и однесени во лабораториите на двете здравствени установи.
На прашањето каде да се бара изворот на салмонела, Младеновска рече дека известување треба да даде и Агенцијата за храна и ветеринарство.
- Сметам дека Агенцијата за храна и ветеринарство има голема улога во оваа состојба што се случи, за жал, заразна болест салмонела и тоа кај најранливата категорија - децата. Сметам дека ќе треба да дадат свое известување, за соодветно да се информира јавноста - рече Младеновска.
Откако беа пријавени 12 случаи на ученици заразени со салмонела, Државниот здравствен и санитарен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство, Центар за јавно здравје и Институт за јавно здравје Скопје. За време на надзорот беа земени мостри храна за анализа и беа земени брисеви од работни површини и брисеви од жива и нежива средина. Од страна на Инспекторатот, сите кујни во основните училишта, беа затворени.
Извор: МИА