X
 14.10.2020 Образование

Некаде имаат услови, но немаат часови, а некаде намерно не се конектираат. Каде инспекторите откриле проблеми со наставата?

Во неколку училишта нема настава од различни причини, некаде се технички, а некаде има бојкот, велат инспекторите, кои најавуваат дека од ноември ќе ги оценуваат училиштата

Две недели од почетокот на новата учебна година државните просветни инспектори прибираат информации од терен за тоа каде и како тече онлајн-наставата и каде нема часови. Исто така, се забележува и со какви проблеми се соочуваат вработените во училиштата додека траат часовите.

Томе Спировски, директорот на Државниот просветен инспекторат (ДПИ), вели дека од она што досега Инспекторатот го има како информација е дека во неколку училишта нема настава од различни причини.

Каде има проблеми?

- Како Инспекторат знаеме сè, каде има настава, каде нема. Бојкот на наставата имаме во „Драга Стојановска“ во Сопиште, како и во училиштето во Чифлик. Овие училишта имаат услови за онлајн-настава, но сепак таа не се одржува зашто ја бојкотираат - информира Спировски.

Има и училишта во кои нема настава поради технички проблеми.

- Во ваквите училишта или нема ИТ-опрема или има опрема, но не можат да ја користат, а се случува и да има сè што треба од опрема и услови, а учениците да не се конектираат на часовите. Исто така, има и училишта во кои недостига добра интернет-врска. Со вакви технички проблеми се училиштето во Грушино, Арачиново, во Петровец, училиштето „Ибе Паликуќа“ во Сарај - вели Спировски.

Инспекторите направиле увид и во училиштата во Струга, а во тамошното училиште за средно образование „Ибрахим Темо“ регистрирале отсуство од онлајн-часовите.



- Таму учениците не сакаат да се конектираат за да следат настава. Тоа е еднакво на отсуство и затоа треба да имаат изостаноци. Учениците во прва година ги следат часовите, но во погорните години не - додава првиот човек на Инспекторатот.

Од ноември инспекторите ќе ги оценуваат училиштата

Просветните инспектори од следниот месец ќе почнат да ја проверуваат работата на училиштата во државата и врз основа на тоа тие ќе бидат оценувани. Ова е дел од интегралната евалуација, која законски се спроведува веќе осум години.

Многу од индикаторите ќе се менуваат, со оглед на новите околности што ги наметна пандемијата на Ковид-19, па така сега, меѓу другото, ќе се следат други параметри, на пример, хигиената во училиштата, хигиената во собите за изолација, исхраната на децата и слично. Ќе има промени и во делот на наставата. Ако, на пример, до лани наставниците добиваа бодови за користење различни приоди во наставата, сега тоа ќе се изостави.

- Токму деновиве ги менуваме индикаторите. Во делот на наставата ќе има промени, односно сега условите налагаат поинаква настава и планирање на часовите, а и ресурсите се различни во вакви услови. Самата методска единица е различна, оценувањето на учениците е различно - вели Томе Спировски, директорот на Државниот просветен инспекторат.

Годинава нема да се оценува, на пример, дали наставникот има извештај од посета на учениците во музеи, екскурзии, од родителски средби бидејќи тие нема да се случат.

Во „нормални услови“, со интегралната евалуација се добиваа бодови за планирањето и подготовката на наставата, за реализацијата на наставата (дали редовно користат разновидни приоди во настава или поретко, односно не користат современи разновидни приоди во наставата), потоа дали редовно и уредно наставниците водат педагошка евиденција, како ги оценуваат учениците (дали континуирано, неконтинуирано или, пак, повремено оценуваат со примена на стандарди), потоа дали планираат и организираат средби со родителите, дали имаат сертификати за стручно усовршување, семинари, курсеви, симпозиуми. Врз основа на сето ова наставникот добива оценка. Оценка има и за училиштето, а каква ќе биде таа, зависи од хигиената во зградата, од исхраната, менаџментот и слично.

Од највисоката оценка четворка, години со ред на ниво на држава училиштата се оценуваат со просечна оценка тројка.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование