Склековите можат да бидат показател за вашата кондиција, тврдат научниците од клиниката „Мејо“.
Склековите се одличен начин за мерење на мускулната сила и издржливост бидејќи ги активираат главните мускулни групи, вклучувајќи ги нозете, стомачните мускули, рамената, грбот и рацете, велат експертите.
Тоа е едноставна вежба - рацете се ставаат во ширина на рамената, телото се држи исправено и паралелно со подот, а потоа се кревате и се спуштате толку колку што ви дозволува силата. За почетници има и полесна верзија, со свиткани колена.
Клиниката „Мејо“ објави колку склекови треба да можеме да правиме во однос на возраста и полот. На пример, мажите на 25 години треба да можат да направат 28 склека, додека жените 20 склека. Бројката се намалува како што одминуваат годините: за мажите на 35-годишна возраст целта е 21 склек, а кај жените 19 склека.
55-годишниците треба да можат да направат 12, а жените 10, а за 65-годишните целта за двата пол е 10 склека.
Сепак, многу експерти веруваат дека овие препораки не се универзални. Фитнес-тренерот Наталија Алексејенко истакнува дека е важно да се земат предвид индивидуалните фактори, како што се историјата на повреди, начинот на живот, исхраната, нивото на стрес и квалитетот на сонот.
Докажано е дека редовната физичка активност носи многубројни здравствени придобивки.
Истражување од 2019 година покажа дека мажите кои можат да прават склекови имаат 96 отсто помали шанси да развијат срцеви заболувања.
Генерално, редовната физичка активност може да го намали ризикот од разни болести: за 29 отсто го намалува ризикот од рак на дебелото црево, за 31 отсто ризикот од смртност од каква било причина, за 35 отсто ризикот од деменција, за 38 отсто смртта од срцеви заболувања и за 42 проценти од дијабетес.
Според Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), на возрасните им требаат 150 минути активност со умерен интензитет во текот на неделата, како што се возење велосипед, танцување или брзо одење. Два дена треба да се посветат на зајакнување на мускулите преку склекови или кревање тежина.
Извор:
n1info.rs
Фото: Freepik