На шведскиот дел од Арктикот староседелците се соочуваат со тешки последици од климатските промени поради кои можеби ќе останат без нивните ирваси. Истражувањата откриваат дека само еден дожд или еден лош ден може да уништи цела сезона на испаша на ирвасите.
Заедницата на Лапонците, односно народите Сами во Шведска се грижат за 8.000 северни елени во текот на целата година, мигрирајќи меѓу традиционалните пасишта во високите планини кои се граничат со Норвешка налето и шумите подалеку на исток во текот на зимата.
Оваа традиционална шема, која добро им служела на безброј генерации, сега, поради глобалното затоплување, е на тежок испит.
- Поради ова, ирвасите не можат да најдат храна. Дождот над снегот создаде слој на мраз под кој елените не можат да ги намирисаат лишаите - истакнува Нил Инга, одгледувач на ирваси.
Оваа година само половина од стадата стигнале до зимските краишта. Другите се вратиле во планините, каде што шансите за опстанок им се
минимални.
- Зимата овде трае осум месеци. Кога уште во октомври ќе почнат лошите услови за пасење, сè се влошува. Ако не најдеме подобри подрачја за ирвасите, каде што ќе можат да најдат храна, тие ќе изгладнат до смрт - вели Инга.
Арктикот се загрева двојно побрзо од остатокот од светот. Мерењата на Шведскиот метеоролошки и хидролошки завод покажуваат дека земјата се загреала за 1,64 Целзиусов степен во споредба со прединдустрискиот период. Во шведскиот планински регион просечните зимски температури во последните 30 години се повисоки за 3 степени во однос на просекот од 1961-1990 година.
- Рековме дека не сакаме пари затоа што не можеме да купиме подобро време со пари. Рековме дека Европската Унија мора да преземе мерки и тоа веднаш - истакнува Сана Ванар, претседател на автохтоната младинска организација на Лапонците.
Промените предизвикуваат погубни последици. Ирвасите стануваат послаби, женките имаат спонтани абортуси... Ако не се запре процесот, можеби наскоро санките на Дедо Мраз наместо Рудолф и пријателите, ќе ги влечат роботи, а лапонскиот народ ќе биде оттргнат од вековниот начин на живот.