Грета Тунберг стана глобален феномен: го почна движењето „Петоци за иднината“ и инспирира милиони млади низ светот да се ангажираат околу заштитата на климата. Како дојде до тоа?
Кога на „Гугл“ ќе побарате „Greta Thunberg“, веднаш ќе добиете околу 200 милиони податоци. И бројката постојано расте и покажува: таа станува глобален медиумски феномен. Медиумите ја следат на секој чекор, ги цитираат нејзините изјави, таа е во ударните вести.
Таа се среќава со светските лидери, зборува на Генералното собрание на Обединетите нации и е на списокот со 100 највлијателни луѓе во светот. За неа веќе има и биографија, а објавена е и книга со нејзините говори. А притоа, Грета има само 16 години.
Како е можно сето тоа? Повеќето од она што таа го изјавува и што го прави не е ништо ново - тоа и самата го кажува. Таа не тврди дека открива нови вистини, туку пред сè бара луѓето да го увидат она што, според неа, одамна е јасно и научно докажано. И соодветно да постапат. Но, зошто баш таа? И од каде сета таа медиумска возбуда?
Низ историјата секогаш се случува нешто да виси во воздухот, да се прошири чувството дека е време за нешто зрело. И потоа излегува некој што го кажува тоа, покажува и го прави видливо и разбирливо за сите. Сега станува збор за 16-годишната портпаролка.
Грета Тунберг е млада, а изгледа уште помлада. Кога ни зборува, во нас го гледа лицето на детето. А тоа допира прилично длабоки чувства. Ова е познато од многу култури. Во христијанството новородениот Исус е тој што благословува и спасува луѓе. Во Непал се избираат девојчиња кои до нивниот пубертет се обожувани, дете-божество.
Децата важат за невини и чисти суштества. Тие изговараат вистини што лицемерните возрасни се обидуваат да ги игнорираат и прикријат. Тие велат дека царот е гол. Или, во зависност од аголот на гледање, низ нив во светот се покажува некоја подлабока и повисока вистина.
И така Грета Тунберг се гледа како дете на нашето време што ја изговара вистината. Дете кое нè гледа в очи и ни вели дека сме лажговци. И ние гледаме фасцинирани, аплаудираме и врз неа ги проектираме нашите желби, копнежи, стравови. Ние во неа гледаме дете што ќе нè спаси. Конечно!
А потоа можеме да се опуштиме и да се вратиме во нашето секојдневие.
Но, ваквата медиумска возбуда има врска со една карактеристика на Грета Тунберг: таа е совршена во поедноставувањето. А тоа е карактеристика што таа ја дели со многу популисти низ светот.
Во настапите Грета Тунберг ги поедноставува работите и ги кажува со јасност, како да се основните Њутнови закони на физиката.
- Послушајте ги научниците - е едно од нејзините барања. Светот на Грета е црно-бел, другите нијанси таа едноставно ги игнорира и ги турка настрана. На комплексните прашања таа дава едноставни одговори. И бара акција веднаш. Веднаш. Нема време за размислување, ни за поставување прашања: - Не размислувајте - направете го!
- Нашата куќа гори! - тоа е порака што секој ја разбира. Таа е јасна, ве тера на
акција - и одговара на твитер-форматот. Таа е и оптимална за медиумскиот свет кој обожава емоционални, сензационалистички наслови и поедноставувања од сите видови. И затоа е доста ефикасна - ја сфатиле и некои други твитерџии пред неа. Како Доналд Трамп.