X
 15.12.2020 Живот

Најголемата железничка несреќа во Југославија

Топло летно попладне, 30 август 1974 година, последниот ден од распустот. Тргнал возот за Дортмунд. Работниците се враќале на своите работни задачи, а семејството, татковците, мајките, браќата, сестрите, роднините, им мавтале од перонот.

Вечерта пристигнале страшни вести. Во станицата во Загреб, во 22 часот и 33 минути, влегла само локомотивата. Вагоните се распрснале на раскрсницата, превртувајќи се. Се случила најголемата катастрофа во историјата на југословенската железница, несреќа каква што службите за итни случаи никогаш не доживеале, со најмалку 160 мртви.

Оние што преживеале биле сместени, меѓу другото, во хотелот „Белград“.

Возот заминувал од Атина, преку Загреб до Дортмунд, но најмногу патници биле од Белград и околината. И тогаш не можело да се дојде до информации лесно. Забуната била поголема затоа што два воза тргнале за Загреб за половина час разлика. Така, наредниот ден на местото на несреќата имало повеќе од 300 луѓе, кои дошле со само едно прашање.

- Ги разбирам луѓето што овде постојано прашуваат: „Најдете ми го братот“, „Најдете ми ја жената“ или слично. Тие дури сакаат и да ги видат мртвите. Мислат дека ќе можат да ги препознаат. Тоа не доаѓа предвид. Тие се до таа мера непрепознатливи, што тешко ни е и нам да се справиме, а камоли друг да ги препознае. Не доаѓа предвид воопшто да им се покажат - вели еден лекар во тоа време пред ТВ-камерите.

Загинале над 160 лица. Некои никогаш не биле идентификувани. Биле погребани во масовна гробница во Мирогој. Повеќе од сто биле повредени.

Патникот Милан Ивош сведочел за „Вечерњи лист“ како изгледала несреќата.

- Можеби десет минути пред несреќата, излегов од купето за да ги истегнам нозете во ходникот. Таму најдов придружник со кој испушив цигара. Одеднаш, вагонот стана како брод и почна силно да се ниша. Се прегрнавме за да не паднеме. Потоа почна пеколот. Вагонот се преврти, но продолжи да се лизга странично, каде што беа прозорците. Од купето, во кое бевме седуммина, имаше врескање и лелекање. Конечно, кога сè престана, чадот почна да нè задушува. Вратата од купето не се отвораше, па го скршивме стаклото и влеговме. Почнав да ја извлекувам сопругата. На мој ужас, видов дека не дава знаци на живот. Мислев дека е во бессознание, но за жал беше мртва. Повеќе немав сила да им помогнам на другите - раскажува патникот.



И додека службите за итни случаи, патниците и железничарите ги спасувале жртвите, на станицата се појавиле и луѓе кои ги ограбувале жртвите. Ги прескокнувале нивните тела, им земале пари, накит, сè што било материјално вредно.

Оние што имале среќа да се преживеат се вратиле дома.

- Југословенската железница организира превоз за околу 100 патници, 90 на различни места во нашата земја и 10 во странство. На оние на кои им беше потребна облека, им беше купена, а секој патник доби 200 динари за неопходните трошоци - се вели во ТВ-извештајот од 1974 година.

За несреќата биле осудени машиновозачите. Без сомнение тие ја предизвикале несреќата, без оглед на тоа дали нивната концентрација паднала до тој степен што буквално заспале. Бидејќи, невозможно е да поминале покрај црвениот сигнал и во станицата да влегле со брзина од 100 километри на час, иако биле дозволени 90. Машиновозачот Никола Кнежевиќ добил 15 години затвор, а неговиот помошник Стјепан Варга, 8 години.



Она што не била нивна грешка е големиот број работни саати и можеби дури и желбата да надоместат за доцнењето со побрзо возење.

Секако, како и секој ваков голем и трагичен настан, и овој бил обвиткан со теории на заговор. Имало приказни што работите ги ставиле во национален контекст - несреќа во која загинале луѓе со српско потекло се случила по само 3 месеци од хрватската пролет. Се споменувале саботажи, пијани машиновозачи, ненадејно движење. Но, станува збор за чиста физика и фактот дека слабата инфраструктура не може да издржи толкава сила. Возот влегол во кривината со брзина од 100 километри на час, иако дозволената брзина била двојно помалку, па предизвикал оштетување на вагоните и нивно превртување.

По оваа несреќа локомотивата продолжила да работи. Кога го завршила својот работен век, била сместена во музејот на Хрватските железници.

Извор: Telegraf.rs
Фото:  Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот