X
 26.08.2021 Живот

Во 1972 г. Југославија вакцинирала 18 милиони луѓе за неколку недели

Процесот на вакцинација против ковид-19 трае побавно од очекуваното насекаде низ светот, иако вакцините беа произведени во рекордно време. Многумина се скептични и одбиваат да се вакцинираат. Затоа изгледа чудно што во 1972 година Југославија за само неколку седмици успеала да вакцинира дури 18 милиони граѓани.

Во Југославија имало епидемија на големи сипаници во 1972 година, во регионот на Косово и Белград. Тоа била последната голема епидемија на големи сипаници во Европа. На почетокот од таа година Ибрахим Хоти бил на аџилак и посетил свети места во Ирак, каде што било познато дека има случаи на мали сипаници.

Тој се вратил на 15 февруари, а веќе следниот ден почувствувал болки, бил уморен и набргу сфатил дека има инфекција. Имал исип и треска, но брзо оздравел - веројатно затоа што бил вакциниран пред два месеца.


Фото: Avaz

На почетокот од март се разболел учителот Латиф Мумџиќ, за кој не е познато дали имал директен контакт со Хоти, но можеби бил заразен од некој пријател или роднина на Хоти, пишува „Аваз“. Мумџиќ починал, а како причина за смрт била наведена „реакција на пеницилин“.

Впрочем, тој имал големи сипаници, а пред да почине, директно заразил 38 лица, меѓу кои и девет лекари и медицински сестри. Осум од овие лица починале. Неколку дена по смртта на Мумџиќ биле потврдени 140 случаи на големи сипаници во Косово. Се заразиле вкупно 175 луѓе, од кои 35 починале. Особено била погодена белградската болница.


Фото: Wikipedia


Југословенските власти брзо реагирале. Била прогласена вонредна состојба, биле воведени забрани за собирање на јавноста, биле затворени границите и биле забранети патувањата што не биле итни. Војската ги презела хотелите, а во нив биле сместени 10.000 луѓе кои можеби биле во контакт со заразените.


Истовремено почнала масовна вакцинација која била потпомогната од Светската здравствена организација. За неколку седмици било вакцинирано целото население. Морале да бидат вакцинирани сите и немало исклучоци. До средината на мај била стопирана заразата и состојбата се нормализирала.

Југословенската влада добила меѓународни пофалби за успешното справување со епидемијата. Режисерот Горан Марковиќ во 1982 година го снимил филмот „Вариола вера“ за болницата во карантин за време на епидемијата. Во 2002 г. Би-би-си ја прикажувал телевизиската драма „Вариола 2002“ која делумно била инспирирана од настаните во Југославија.

Извор: Avaz
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот