X
 02.01.2016 Образование

Најдобрите образовни системи во светот

Програмата за меѓународно оценување на учениците спроведува меѓународно оценување на образовните програми низ светот секои три години. Тестот ги мери вештините и знаењето на 15-годишниците во над 70 земји, региони и економии, покривајќи ги областите по мајчин јазик, математика и наука. Додека ги чекаме резултатите од истражувањето годинава, гледаме кон најдобрите образовни системи според програмата во 2012 година.


Канада

Во Канада нема разлики во резултатите на учениците врз основа на нивната расна, етничка и социоекономска припадност. Добри резултати имаат дури и учениците од најнаселените провинции. Канадското образование функционира на тој начин што секоја провинција има контрола врз својот курикулум.

Финска

Училишната автономија и образованието на наставниците се двигатели на успехот во образовниот систем во Финска. Училиштата сами ги одбираат своите книги и учебници. Наставниците мора да имаат магистерска диплома, но имаат огромна слобода за планирање на сопствените часови.

Јапонија

Јапонскиот образовен систем одамна се фокусира на подготовка на учениците за иднината и нивната вклученост во општеството. Јапонија ги мотивира учениците да постигнуваат најдобри резултати. Образовниот систем во Јапонија е познат како строг. Учениците учат многу за светските култури, а се посветува внимание и на математичките и научни предмети.

Полска

Една од реформите која ѝ помогнала на Полска да стане една од најдобрите земји во образованието е ослободувањето на системот кој постоел за време на комунизмот. Учениците во Полска имаат избор во образованието, а наставниците се тренираат за да се фокусираат на техничките вештини, но и да им помогнат на учениците.

Сингапур

Во своите 50 години постоење како независна земја, Сингапур постигнала многу. Со повеќе реформи за подобрување на писменоста и зголемено учење кај учениците, како и тренинзите на наставниците, Сингапур стана една од најдобрите земји во образованието.

Естонија

Образованието во Естонија се фокусира на три главни делови: тренирање на наставниците за иновативно предавање, национален план и надополнување на стручното образование.

Хонг Конг

Во 1990-те години се направила промена во образованието и наместо помнење, учениците биле поттикнати да размислуваат. Учениците денес се тестираат на традиционален начин, но и за нивните практични вештини.

Јужна Кореја

Кога завршила окупацијата од страна на Јапонија, 78% од населението било неписмено. Образовниот систем во Јужна Кореја бил направен строг и полн со тестови. Учениците се под огромен притисок за добри резултати за да имаат добра иднина, но и за да одбегнат срам во семејството.

Шангај

Во 1990-те години се направила промена во начинот на кој се форсираат учениците за подобри резултати. Наместо едноставно помнење, учениците се мотивираат да го искористат знаењето на корисен начин. Наставниците се охрабруваат да спроведуваат активности наместо да предаваат.

Тајван

Тајван се смета за економија на знаење. Владата инвестира многу во образованието. Програмата вклучува 12 години задолжително образование, локално контролиран план, образование во раното детство, стручно и уметничко образование, училници со технолошки изуми и помагала и надоместоци за учениците од посиромашни семејства кои имаат добри академски резултати за учење во подобри училишта.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование