X
 22.02.2016 Економија

Реални шанси за обновување на авиолинијата Скопје-Будимпешта



Унгарската влада официјално објави дека ќе субвенционира летови од аеродромот во Будимпешта до три градови од поранешна Југославија, меѓу кои е и Скопје.

Директната авионска линија меѓу Скопје и Будимпешта, која што беше укината пред четири години, добива реална шанса повторно да профункционира во текот на годинава.

Имено, владата на Унгарија официјално го објави својот план за субвенционирање летови од аеродромот во Будимпешта до три градови од поранешна Југославија, меѓу кои е и Скопје. Според најавите, унгарското Министерство за развој наскоро ќе објави тендер за доделување субвенции на заинтересирани авиокомпании кои ќе оперираат од Будимпешта до Скопје, Подгорица и Приштина. Дополнително, унгарската влада планира да спонзорира и летови до Тирана и Софија.

Висината на субвенциите и точните услови на тендерот сѐ уште не се откриваат, а надлежните од унгарското министерство за тамошните медиуми изјавиле дека во моментов се доработуваат сите предлози .

- Засега само може да објавиме дека на тендерот ќе може да се пријават сите авиокомпании регистрирани во Европската унија кои се заинтересирани да летаат до некоја од наведените дестинации – изјавија претставници на владата на Унгарија за унгарските медиуми.

Летот меѓу Скопје и Будимпешта беше укинат по банкротот на унгарскиот нацинален авиопревозник „Малев“ на почетокот од 2012 година. Авиокомпанијата „Малев“, која добиваше финансиска помош и од државата, прогласи банкрот откако компанијата повеќе не беше во можност да ги исплати наталожените долгови. Со укинувањето на линијата, земјава остана без директна авионска врска со Будимпешта, чиј аеродром нашите патници најчесто го користеа како трансфер до другите европски и светски метрополи со кои Македонија нема директни линии.

Веднаш по објавувањето на плановите за субвенционирање на летовите од Будимпешта до екс-ју земјите, јавноста почна да шпекулира со имиња на авиокомпании кои имаат најголеми шанси за да ги добијат. Кога станува збор за летот до Скопје, како најсериозен кандидат се споменува унгарската нискобуџетна компанија „Визер“, која веќе има своја база во Македонија. Како потврда на овие шпекулации, специјализираните сајтови за авиосообраќај го споменуваат неодамнешната реклама што ја објави „Визер“ во која, меѓудругите, споменува и специјални промотивни цени на летовите меѓу Скопје и Будимпешта. Оваа реклама, според сајтовите, била повлечена многу кратко по објавувањето.

Дека плановите за обновување на авиоврската меѓу метрополите на Македонија и на Унгарија се сериозни лани потврди и Левент Маѓар, секретар за економска дипломатија во Министерството за надворешни работи на Унгарија. Тој тогаш најави дека оваа линија ќе профункционира до крајот на 2015 година, со што позитивно ќе се одрази врз бизнис релациите, но и врз поттикнувањето на туризмот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија