X
 09.03.2016 Образование

Ученици домашни пишуваат навечер, во школо се до 18 часот


 
Речиси и да нема основно и средно училиште, главно во градските средини во земјава во кои учениците учат само во прва смена. Дома се прибираат во 18, па и 19 часот, што значи дека денот за нив практично завршува во училишните клупи. Немаат време за игра, за учење, за дружење со родителите и пријателите. Една мајка чии деца учат во училиште во скопски Аеродром вели дека никој не може да се навикне на втората смена и дека тие денови на сите тешко им паѓаат.

- Не ги гледам децата цел ден. Домашните задачи мора да ги завршиме кога ќе се вратат дома, многу доцна навечер зашто им треба помош, а цело утро до 12.30 часот се сами дома бидејќи ние сме на работа. Децата се преморени, немаат концентрација ни за учење ниту за домашните. Но, во училиштето се учи во смени бидејќи нема простор за сите деца. Вака е во речиси сите скопски училишта - вели таа.

Драгица Георгиевска, мајка на ученик од четврто одделение има слична приказна. Часовите на синот, кога е во втора смена му почнуваат во 12 и пол, а дома е накај 17 часот.

- Сам домашна не може да напише наутро, па тоа го правиме навечер. После училиште два пати во неделата оди на курс по англиски, а сега ќе почне и со тренизи за фудбал. Има премногу домашна за пишување, па втората смена искрено, пекол е за сите. Нема одмор , па едвај ги чекаме викендите за да имаме време за дружење - вели Георгиевска.

Во Србија, пак приоритет во образованието ќе биде токму воведувањето на работа на училиштата во само една смена. Ова го изјавил претседателот на Националниот совет за образование, Александар Липковски.

- Не постои земја во Европската унија, чии училишта работат во две смени. Работата во една смена им овозможува на учениците во училиштето да ги завршат речиси сите училишни и домашни задачи. Тоа им овозможува на родителите откако ќе се вратат дома од работа, мирно да може да се посветат на други, воннаставни активности со нивните деца " - изјавил Липковски.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков вели дека училиштата во Македонија работат во смени бидејќи нема доволно простор.

- Ако во некое училиште учат во две смени така е бидејќи нема доволно училници за работа во една смена. Ако се воведе настава во само една смена, ќе треба да се градат и нови училишта. Досега наставниците не се пожалиле за работата во две смени, за некаква инцијатива околу ова прашање не станало збор досега - вели Неделков.

Раде Жегарац, директор на основното училиште „Блаже Конески“ вели дека втора смена во ова школо одат само неколку класови, поради немање простор. Овој начин на работа немал негативни последци врз наставниот процес.

- Во моментов имаме ученици од второ и петто одделение кои се менуваат во смени. За среќа сме поголемо училиште и имаме простор, па повеќето одат само прва смена. Наставниот процес не трпи поради овој начин на работа, а поплаки не сум добил ниту од родители ниту од учениците. Заедно со родителите се договараме кои ученици ќе учат во смени. Единствено, проблем е во зима, што учениците си одат дома кога е темно - вели Жегарац.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование