Микаила Улмер (11) од САД, изградила работно царство вредно 11 милиони долари благодарејќи на една обична лимонада.
Имено, малата Микаила го искористила посебниот рецепт на својата прабаба за правење лимонада во хуманитарни цели, а подоцна тоа станало сериозен бизнис.
- Кога имав четири години во една недела двапати ме убоде пчела. Тоа воопшто не ми се допадна и многу се плашев од пчели. Но токму поради тоа започнав да ги проучувам и сфатив дека тие се многу важни за нас и нашиот екосистем. Помислив, што би било кога со помош на рецептот за лимонада на мојата прабаба Хелен некако им помогнам на пчелите? - вели малата Микаила за американските медиуми.
Таа ја подготвила лимонадата со домашен мед и започнала да ја продава на локални манифестации и пред локалната пицерија. Заработката ја давала во организациите кои се занимаваат со заштита на пчелите. На својата лимонада ѝ го дала името „BeeSweet“. Моментално во продажба се четири вкусови на лимонадата: нане, ѓумбир, леден чај и кактус.
Напорите на Микаила биле забележани од инвеститорот Дејмонд Џон. Така, таа добила почетна инвестиција од 60.000 долари, а сега потпишала договор вреден 11 милиони долари со трговски ланец „Shole foods“.
Нејзината лимонада во иднина ќе се продава во 55 продавници низ САД. Микаила изјавила дека дел од заработката го искористила за да им помогне на пријателите со слични идеи.