Сопственикот на американската компанија „Tower paddle boards“ пред година дена вовел петчасовно работно време. Оттогаш, бизнисот му цвета, а работниците се преродени.
„Работното време од 9 до 17 часот создаде култ за работохоличарите. За жал, осумчасовниот работен ден не се поместил во последните 100 години, иако информатичкото доба во кое живееме претставува најголем чекор напред од појавата на индустриската револуција до денес, а и структурите на семејствата драстично се промениле од раните 1900-години. Па така, работниците и понатаму секое утро влегуваат во своите автомобили, заглавуват во сообраќајот и го повторуваат истото во доцните вечерни часови. Понеделник е нешто од кое сите се згрозуваат, среда е ден што „најверојатно ќе го преживееме“, а петок наутро ни носи олеснување, бидејќи викендот ни е на прагот. Идејата дека работниците мораат против своја волја да одработуваат 70% од неделите, за да уживаат во преостанатите 30% е колективно лудило“, пишува Стефан Арстол за Бизнис Инсајдер.
Работниците во неговата компанија си одат дома пред ручекот, а квалитетот на животот им е многу подобар.
„Мојата компанија одлучи да функционира поинаку. Ние се занимаваме со продажба на стоечки штици за веслање (paddle board), и според тоа краткото работно време и слободните попладниња за вработените се совршен спој со нашата работа. Одлучивме да спроведеме петчасовно работно време, од 8 до 13 часот. Вработените не се помалку платени, а јас и понатаму од нив очекувам двојно поголема продуктивност од просечниот работник“, објаснил Арстол.
Резултатите од оваа промена го изненадиле и него. Минатата година беа прогласени за најбрзо растечка приватна компанија во Сан Диего. Неговиот тим од девет вработени оваа година ќе има приход од девет милиони долари.
„Кога ќе им кажам на луѓето дека моите вработени работат по пет часа дневно, секогаш го добивам истиот одговор: ‘Баш убаво, но мене не ми се исплаќа така’. Толку се држат до традиционалното работно време од 9 до 17 часот, што не се во состојба да замислат нешто друго“, вели овој претприемач.
Тој тврди дека работното време може да се намали за 30%, а степенот на продуктивност да остане ист.
„Ако седат пред компјутер осум саати на ден, не значи дека луѓето се продуктивни. Петчасовното работно време им овозможува да имаат енергија на оптимално ниво и да бидат ефикасни. Доколку вашето работно место изгледа како што изгледале пред 100 години, тогаш најдобро е да не се обидувате со ова. Но, ако не се занимавате со работа која бара 24-часовни дежурства (полиција, пожарна, болница) или не бара одеднаш да работите со многу луѓе (како на пример, филмската продукција), најверојатно петчасовното работно време може да се примени и во вашата компанија“, објаснил Арстол.
Постојат неколку правила за подобра продуктивност:
1. 80% од резултатите произлегуваат од 20% напор, но потребно е да ги лоцирате вистинските постапки, а сè останато да елиминирате;
2. Луѓето мислат дека е невозможно петчасовно работно време, бидејќи размислуваат во рамки на условите на времето, а не условите на производството. Мнозинството работници чиј работен алат е знаењето, имаат фиксна плата, а не плата според работни саати.
„Го променив ваквото размислување во мојата компанија, на тој начин што одредив пет проценти од профитот да добијат работниците што биле најпродуктивни“, вели Арстол.
3. Не бидете постојано достапни.
„Една од најголемите забелешки ни беше намалувањето на работните саати. Но, сфатив дека не тргуваме со алати. Нашите клиенти купуваат една штица на секои пет години. Не е важно колку сме отворени, сè додека нашите клиенти ни го знаат работното време. После неколку години, можам да кажам дека не пропаднавме, а имаме исто толку повици и кога работевме осум часа на ден.“
4. Користете ги придобивките од технологијата
„Со новото работно време, вработените ги забележаа слабостите на својата организација. Најважниот предизвик е да се автоматизираат поголем број функции преку употреба на софтвер. Направија видео-упатства со што заштедија време на корисничкиот сервис, а ги автоматизираа и работните обврски во магацинот.“
5. Не се ограничувајте на 25 часа неделно
„Иако знаат дека секогаш можат да си отидат од работа во 13 часот, најдобрите работници некогаш остануваат и по 12 часа на работа“, наведува Арстол и додава: „Исто како со работното време од 9 до 17 часот, некогаш се јавува потреба да се одработи долг ден. Но, кога ќе си отидете од работа во 13 часот за да ги пречекате децата од училиште или да отидете на сурфање, тогаш вашата работа не е одвоена од приватниот живот – вашиот живот е сето тоа.
Петчасовниот работен ден ми беше најтешката одлука во животот. Но, денес моите вработени се задоволни, попродуктивни и попосветени на работата. И вие можете да го направите овој чекор кон петчасовно работно време. Единствено мора да го промените концептот за работата во вашата глава и да го оставите стравот зад себе. Ќе се зачудите од продуктивноста и слободата што можете да ги остварите кога ќе престанете френетично да ги одработувате работните саати“, заклучува претприемачот Арстол, кој е прогласен за „најдобриот шеф на светот“ од страна на некои медиуми.