X
 07.05.2016 Наука

Опасностите кои можат да го уништат човештвото

Научниците ги идентификуваа шесте главни опасности кои би можеле да го избришат човештвото, вклучувајќи ги роботите и нуклеарната војна.

 

човештво


Тие тврдат дека вештачките вируси, климатските промени, супер-инсектите и сушите исто така можат да нападнат во следните пет години. Иако можеби звучи како да излегло од холивудски блокбастер, сепак научниците велат дека ова се реални закани кои владите не успеваат да ги сфатат сериозно.

Извештајот за ризиците за глобална катастрофа ги наведува опасностите кои би можеле да избришат 10% или повеќе од населението во светот - еднакво на најмалку 740 милиони луѓе. Извештајот предупредува дека иако поголемиот дел од генерациите никогаш не доживеале катастрофа, тие се далеку од нереални.

Авторите, во кои се вклучени и академци од Универзитетот во Оксфорд и проектот „Global Priorities“ потенцираат дека нападите на чумата и шпанскиот грип во 1918 година избришале милиони луѓе.

„Болестите имаат убиено повеќе од 10% од светското население. Исто така, бевме блиску до нуклеарна војна повеќе пати во текот на 20-от век. И покрај нивната скала, ризиците од глобална катастрофа добиваат ограничено внимание. Една од причините е тоа што голем дел од овие ризици не се појавиле во изминативе децении. Но дури и тогаш кога веројатноста е мала, големината на негативниот исход треба да биде и тоа како алармантна. Ризикот од глобална катастрофа не само што му се заканува на секој човек, туку и на идните генерации“, вели извештајот.

Извештајот повикува на повеќе средства, истражувања и поголема меѓународна соработка со цел да се постави светот на подобра позиција за да се справи со ризиците.

„Постојат некои работи кои се на повидок и работи кои веројатно нема да се случат за една година, меѓутоа постои опасност да се случат“, вели Себастијан Фаркухар од „Global Priorities“ проектот.

„Тие можат целосно да го променат обликот на нашиот свет на катастрофален начин. Историјата не` учи дека голем дел од овие работи имаат голема веројатност да се случат отколку што интуитивно мислиме“, додава тој.

Во наредните пет години, астероиди, супер-вулкански ерупции и други непознати ризици се рангирани како најголемата закана за човештвото. На подолг рок, опасностите се прошируваат и тука спаѓаат вештачката интелигенција, климатските промени, нуклеарната војна и пандемии од болести.

„Не постои посебна причина да се мисли дека луѓето се на врвот на создавањето и најдоброто нешто што светот го има. Се чини разбирливо што некои системи на вештачка интелигенција во иднина може систематски да ги надминат луѓето. Ако имате доволно моќна форма на систем на вештачка интелигенција, тогаш може да има некој вид на негативни последици“, вели Фаркухар.

Се прават напори за намалување на бројот на нуклеарно оружје во светот, но порастот на вештачката биологија може да ја отвори вратата за создавање на смртоносни вируси.

Фаркхуар ги предупредува милитантните групи како Исламска држава дека дури и тие може да создаваат свои вируси. Во извештајот се повикува меѓународната заедница заеднички да го подобрат планирањето за пандемии, да се испитаат можните ризици на вештачката интелигенција и биотехнологијата и да се продолжи со намалување на бројот на нуклеарно оружје.

„Она што е навистина важно е да се запомни дека голем дел од овие ризици не запираат на границите и трпеливо чекаат „нивните пасоши да бидат проверени“, такашто тие се навистина глобални по природа. Ова не е нешто во кое една земја вели: ние сме подготвени, а останатиот дел од светот може да се грижи за себе. Ова е нешто што го видовме со кризата со еболата, и како работите се пренесуваат преку националните граници, завршува Фаркухар. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука