Половата злоупотреба се случувала со децении во десетици приватни училишта на североистокот во САД, а одговорните за тоа најчесто предоцна реагирале или ги игнорирале жалбите на над 200 жртви, пишува „Бостон глоуб“.
Многу факти му биле веќе познати на правосуството, пишува весникот, потсетувајќи на над 90 отворени судски процеси. Бројни меѓу нив се спречени и може да се процесираат само како граѓански парници. Според податоците кои ги собрале членовите на тимот од „Spotlight“, групата истражувачки новинари во „Бостон глоуб“, од 1991 биле тужени 67 приватни училишта за полова злоупотреба.
Тимот од филмот „Spotlight“ стана познат откако на почетокот на 2000 година спроведе бројни истраги и откри педофилија меѓу свештениците. Некои тужби за злоупотреба во училиштата датираат уште од педесеттите години во изминатиот век, но голем дел се изнесени на почетокот на 2000 година.
„Бостон глоуб“ наведува случај на професор чии случаи на злоупотреба на ученик биле забележани уште во 1968 година. Потоа, тој продолжил да предава во разни образовни установи до 2003 година.
Во истрагата на новинарите од „Бостон глоуб“, особено место заземаат случаи со злоупотреба забележани во училиштето „Сент Џорџ“ во Мидлтаун, каде 11 ученици се пожалиле на сексуална злоупотреба на еден наставник. Наставникот бил отпуштен по тужбата, но по истрагата било заклучено дека не се работи за полова злоупотреба, па тој не бил пријавен на суд. Напротив, истото училиште повторно го ангажирало како наставник. Тој самостојно го напуштил училиштето во 2011, но училиштето не го известило новиот работодавач за историјата на наставникот.
Новинарите од „Бостон глоуб“ ги повикуваат сите кои располагаат со било какви информации за слични случаи да ги известат надлежните институции веднаш. Големата истрага на тимот во 2002 година овозможила да се открие начинот на кој католичката црква ги криела половите злоупотреби на 90 свештеници од Бостон и околината.
Потресната приказна била инспирација за филмот „Spotlight“ кој доби Оскар за најдобар филм оваа година.