X
 25.01.2023 Живот

Малтретирањето на вработените е сѐ почесто иако повеќе се работи од дома

Малтретирањето на работното место не е нов проблем. За некои вработени, работата од дома претставува решение и оддалечување од секојдневните проблеми во односот со некои претпоставени. Меѓутоа, како што компаниите ги менувале методите на работа за да се приспособат на работата од дома, така се менувале и начините на злоупотреба на работното место. Технологијата отвори нови патишта за нељубезно однесување.

Некои податоци покажуваат дека злоупотребата на далечина не е нов феномен. Истражување од јануари 2020 година, спроведено од британскиот Институт за кадри и развој, покажало дека 10 отсто од вработените биле малтретирани преку електронска пошта, телефон или социјални мрежи.

Истражување од Институтот за злоупотреба на работа од 2021 година покажало дека 43 отсто од вкупно 1.215 американски вработени биле изложени на малтретирање на работното место преку видеоповици или електронска пошта.

Во Велика Британија, бројот на тужби за злоупотреба на работа се зголемил за 44 отсто во 2022 во споредба со 2021 година. Најголем дел од пријавените инциденти вклучувале несоодветни коментари за време на видеоповици, намерно исклучување на колеги од состаноци и користење апликации за пораки за озборување за време на презентација на колега.

Злоупотребата на далечина пред колегите може да биде понижувачка и да создаде чувство на неповрзаност со тимот. На виртуелните состаноци е потешко да интервенираат другите колеги, но и потешко е да се забележи суптилното малтретирање, според експертите. Сето ова може да доведе до чувство на изолираност кај вработеното лице, а атмосферата на работното место може да биде вознемирувачка.


Фото: Pixabay

Згора на тоа, луѓето што се сведоци на злоупотреба може да имаат исто негативно влијание врз благосостојбата како и жртвите.

- Тоа навистина влијае врз моралот на групата. Луѓето може да бидат исплашени да споделат мислење, а тоа може да доведе до послаби резултати, што на крајот влијае врз компанијата - вели Кара Нг, соработничка за организациска психологија на Универзитетот на Манчестер.

Решавање на проблемите

Пред пандемијата, лицата што најчесто биле одговорни за злоупотреба на работното место биле менаџерите, кои биле одговорни за 40 отсто од сите пријавени инциденти. Во 2021 година истражување покажало дека истото важи и за работата од далечина, а таа година менаџерите биле одговорни за 47 отсто од пријавените инциденти.

Според Нг, една од клучните работи е улогата на лидерот во моделирањето на она што се смета за добро однесување. Без добар пример на инклузивен лидер, вработените би можеле да чувствуваат дека може да се извлечат со лошото однесување и дека злоупотребата е прифатлива.

Организацијата има одговорност да се увери дека има воспоставено структури за спречување на малтретирање од далечина.

За вработените од дома кои се соочуваат со злоупотреба на работа, една од опциите е да се пријави проблемот во одделот за човечки ресурси. Овие лица може да приложат докази за малтретирање во пораки и друга комуникација.

- Една од клучните работи во кои се разликуваат сајбер-злоупотребата и традиционалното малтретирање е тоа што со онлајн злоупотребата обично имате доказ - вели Нг.

Извор: BBC
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот