Вистина е дека „Google“ постојано ги набљудува и следи своите корисници. Кога користите „Google“, впрочем правите бизнис, пренесува „Индепендент“.
Во замена за бесплатното користење на услугите како што се „Gmail“, „Drive“, пребарување или мапи, вие давате информации за себе кои тие потоа ги споделуваат со огласувачите.
Гледате видеа за патувања, пребарувате дестинации во Азија, разгледувате понуди и ангажмани? Набргу на местата за огласите ќе видите огласи за поволни патувања во Азија. Со пријавувањето на „Gmail“ откривате стандардни податоци како што се име и презиме, како и број на телефон и локација, но она што е повредно е тоа што го пребарувате и што читате додека сте на интернет.
За да дознаете што „Google“ знае за вас мора прво да се вклучите и да притиснете на својата профилна фотографија и да го отворите профилот на „My account“. Потоа одете во делот посветен на личните информации и приватноста („Personal info & privacy“), а оттаму одете на „Activity controls“.
Се` што некогаш сте пребарувале и сите страници кои сте ги посетиле се наоѓаат во делот „Your searches and browsing activity“ додека информациите за вас како потенцијална цел на огласувачите се наоѓа во посебен дел „Ads settings“.
Една од најинтересните опции е преглед на сите локации кои сте ги посетиле. „Google“ ви нуди и опција некои податоци да ги избришете, но тоа се прави постепено.