X
 18.05.2016 Образование

Седум совети како да учите #заедно во тим


 
Веќе пишувавме за тоа зошто треба да учите #заедно во група. Некои студентски тимови не успеваат да ја завршат ниту доделената задача на факултетот, а некои пак се толку силни што продолжуваат да функционираат дури и после завршувањето на студиите.

За да не завршите како првите, ви нудиме неколку корисни совети:

1. Изберете ги добро луѓето во вашиот тим.

Во некои случаи, професорот ќе ги направи тимовите, но во повеќето случаи, студентите може сами да ги изберат членовите на тимот. Можеби ќе дојдете во искушение да го изберете вашиот другар или другарка или пак цимерот, но запомнете дека изборот не треба главно да се базира на тоа колку сте пријатели со некого, туку на тоа кој ги поседува вистинските вештини и мотивација за проектот да успее.

2. Запознајте ги членовите на вашиот тим.

Една од најдобрите работи што може една група да направи за да стане вистински тим, е членовите да споделат информации за себе, да ги најдат заедничките искуства, култури, ставови, итн. Задолжително еден состанок на групата посветете го само на оваа тема. Тоа може да биде и во локалното кафуле, на куглање итн.

3. Идентификувајте ги јаките страни на секој поединечен член.

Зависно од контекстот на задачата, идентификувајте ги јаките страни на секој поединечен член. На пример, некои луѓе се подобри во пишување, додека други се подобри во истражување, трети се мајстори за презентации, итн. Кога ќе ги пронајдете јаките страни на секого, поделете ги задачите врз основа на нив.

4. Не се обидувајте да ги монополизирате дискусиите.

Дури и ако мислите дека ги имате најдобрите идеи, или ако сте најдобриот студент во тимот, немојте да ги монополизирате заедничките состаноци. Најдобрите тимови се оние во кои се споделуваат идеи. Екстровертните луѓе често го имаат овој проблем – не се свесни дека поради нивната гласност, некои од посрамежливите или интровертни луѓе нема да ги споделат своите идеи.

5. Не се лутете или повлекувајте кога нема да ви изберат идеја.

Тимските проекти секогаш се компромис од идеи, и мора да го прифатите фактот дека дури и да имате брилијантна идеја, таа може да не се прифати од останатите членови. Бидете флексибилни и отворени за критика и компромис.

6. Следете го прогресот на тимот.

Тажно е што во повеќето студентски тимови има мрзливци кои нема да ги завршат своите обврски, или ќе ги завршат лошо. Без разлика дали сте или не сте лидер на тимот, обидете се да ги најдете овие мрзливци и да ги убедите да дадат максимум за тимот.

7. Користете го влијанието на средината за да мотивирате.

Не сите членови од тимот се добри студенти и не сите се доволно мотивирани за да ги завршат своите обврски. Во такви случаи, на тимските состаноци, останатите членови од тимот треба да извршат мек притисок за да ги ‘натераат’ овие членови да ги завршат обврските или да ги завршат правилно.

Не заборавајте дека и по завршувањето на студиите, вие повторно ќе работите во некакви тимови и со други луѓе. Користете го времето што го имате за студиите за да ја научите оваа ‘мека вештина’ што подобро.



Заедно сме повеќе, заедно – сите сме Vip! Содржините #Заедно се поддржани од Vip.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование