Како професор по компјутерски науки на Факултетот за технологија Џорџија, Ашок Гоел предава онлајн курс за вештачката интелигенција. Меѓутоа, Ашок се соочува со огромен проблем кога неговите 300 студенти секој семестар му испраќаат илјадници прашања преку интернет форумите. Иако тој има уште осум асистенти кои му помагаат, сепак тоа е премногу работа за нив.
Затоа тој се обидел со еден експеримент - тивко вметнал вештачка интелигенција во текот на неговите предавања.
Ашок со помош на неколку студенти и со поддршка од технологијата „Watson“ на „IBM“, изградил чат бот кој може да одговори на основни прашања и да му помогне во неговата работа.
Наречен Џил Ватсон, виртуелниот „асистент“ ги извлекува претходните податоци од форумот за да одговори на техничките прашања во врска со курсот, како на пример: каде луѓето можат да пронајдат видео лекција или како тие би можеле да организираат состаноци едни со други. Но, она што е интересно е дека студентите воопшто не знаеле дека Џил била вештачка интелигенција. Гоел не им открил се` до денот после завршниот испит.
„Реакцијата беше доста позитивна“, вели Гоел.
Успехот на Џил е всушност храбар предлог за тоа како чат ботовите и вештачката интелигенција би можеле да ги земат работните места на професорите.
„Начинот на кој јас размислувам за тоа е дека постојат седум милијарди луѓе на планетата земја, а околу половина од нив немаат пристап до добро образование. Ако вештачката интелигенција може да им ги одговори прашањата, кој знае каква разлика и промена може да направи во нечиј живот?“, вели Гоел.
Гоел, кој сега работи на подобрување на чат ботот за евентуално да го лансира како бизнис производ, вели дека бил контактира од повеќе од 50 професори низ светот кои сакале да ја вметнат оваа вештачка интелигенција во нивните курсеви.