Талентираниот Тоше Пљаков од Велес освои бронзен медал на Европската олимпијада во вештачка интелигенција „ЕУРОАИ“, која се одржа во Клуж, Романија.
EuroAI (официјално: European Olympiad in Artificial Intelligence) е меѓународен натпревар по вештачка интелигенција за тимови од средношколци кои ги претставуваат своите земји.
- Задачите на Олимпијадата се решаваат со програмскиот јазик Python и неговите многубројни библиотеки за ВИ, поточно во Jupyter Notebook. Задачите опфаќаат разни сфери од ВИ, како зајакнато учење (reinforcement learning), обработка на природен јазик (NLP), компјутерска визија итн. - вели Тоше Пљаков за Факултети.мк.
Натпреварот е индивидуален и се состои од теоретски задачи за машинско учење и практични задачи за тренирање на ВИ-модели. Учесниците мора да го напишат кодот за своите модели целосно од нула, без користење готови софтвери.
- Натпреварот е индивидуален и трае два дена. Секој ден натпреварувачите имаат пет часа да решат три задачи од различни области на ВИ. Секој натпреварувач добива основно решение на проблемот кое носи минимални поени, а има слобода да го подобри даденото или целосно да го промени за да извлече максимален број поени - открива тој.
Македонскиот олимписки тим беше избран преку државна олимпијада по ВИ, односно беа избрани првите четири натпреварувачи.
- Во тимот имаше одлична соработка и хемија, а успеавме да создадеме и нови пријателства со колегите од другите тимови. Менторите ни организираа онлајн подготовки на кои работевме на задачи од областа на вештачката интелигенција, алгоритми и машинското учење.
Првата олимпијада EUROAI 2026 успешно заврши со учество на 94 натпреварувачи од 24 европски земји, а апсолутен шампион е Роман Миеламуд од Украина, кој го освои првото место со највисок вкупен број поени на целиот натпревар.
Македонската репрезентација на EUROAI 2026 во Клуж-Напока беше составена од вкупно четири исклучително талентирани ученици. Покрај Тоше Пљаков, дел од тимот беа и Благој Рујаноски Стојановски, Андреј Ангелов, кои исто така покажаа извонредно знаење и освоија бронзен медал, како и Анастасија Пецевска – која беше рамноправен претставник во официјалниот четиричлен состав на Македонија.
Водачи и ментори на тимот на самото место во Романија беа м-р Владислав Бидиков и м-р Димитар Милески.
Инаку, Тоше Пљаков само што го заврши средното образование и најави дека планира да студира во странство на насока поврзана со вештачката интелигенција која сега е негово поле на интерес.
- Долго време бев посветен на натпреварувачкото програмирање, но при крајот на мојот натпреварувачки пат се пренасочив кон вештачката интелигенција. Сепак, вештачката интелигенција е иднината на софтверското инженерство - открива Тоше.
Пљаков го откри и своето лично мислење за користењето на вештачката интелигенција, за тоа дали младите правилно ја користат и колку може да ни помогне на сите нас како општество.
- Сметам дека ВИ е само алатка која може да се користи и за добри и за лоши цели. Затоа е потребен етички пристап при нејзиното создавање и користење. Секогаш треба да го имаме предвид етичкото прашање и да размислиме како она што го правиме ќе се одрази врз другите, како и за сѐ друго, така и за ВИ - истакна тој.
Покрај неговиот голем талент за технологија и вештачка интелигенција, Тоше Пљаков е и одличен и активен велосипедист, дел од велешкиот клуб „Велес бајкинг“. Иако се различни пасии, Пљаков успеал да ги спои двете и да докаже дека не се спротивности.
- Јас имам авантуристички дух. Најтешкото нешто за мене е да мирувам во едно место. Иако велосипедизмот и информатичките науки на прв поглед изгледаат сосем спротивни, тие имаат едно нешто што ги прави привлечни за мене, а тоа е бескрајниот потенцијал за истражување. Таа волја што ме однесе на многу планини, шуми и пештери низ Македонија и пошироко е истата што ме водеше низ сите алгоритми, теореми и парадигми во информатиката - заклучува Тоше.
Фото: приватна архива