X
 13.01.2023 Наша тема

Германецот Бени верно ги бодри македонските репрезентативци. Не ја знае совршено химната, но на цел глас ќе пее за Македонија

Во 2022 година Бени Фло Флисен им ја даде својата поддршка на ракометарите во Дебрецин. Се збогати со уште едно бесценето искуство. Рамо до рамо навиваше со македонските навивачи, до утрински часови се тешеа или славеа. И сега е во Краков, обоен во боите на Македонија. Не ја знае совршено химната, но на цел глас ќе пее за Македонија

Бени Фло Флисен е Германец кој живее во Штутгарт, но е верен обожавател на Македонија. Безрезервно ја поддржува Македонија каде и да настапува. Ги следи сите натпревари, пасионирано навива, ги знае навивачките песни, редовен е меѓу редовите на фалангата.

Деновиве е подготвен за Светското првенство во Краков и едвај чека да ги бодри ракометарите. Успеавме да искомуницираме со него и да откриеме дел од приказната како ја засакал Македонија.



На прашањето како почнал да навива за Македонија и зошто токму за Македонија, тој ни раскажа:

- Ги купив билетите за Европското првенство во фудбал на почетокот на 2019 година за Букурешт. Не беше сигурно кои екипи ќе играат таму. Една година подоцна, откако видов дека таму ќе играат Украина, Македонија и Австрија, бев сигурен дека оваа група не е интересна. На крајот, она што го видов беше сосема спротивно од моите претпоставки. Всушност, бев сведок на една од најголемите поддршки од и со Македонците. Македонските навивачи ме воодушевија. Тоа не се опишува. Навистина посебно чувство. Така се приврзав за Македонија. Така почна сѐ.

Во мај 2021 година тој заедно со сопругата првпат ја посетил Македонија и вели дека нема земја како нашата.



- Прекрасно искуство ми беше патувањето за Македонија. Ги посетив Охрид, Скопје и сите места наоколу. Уживав во знаменитостите, кујната... Сакав да го направам ова осум години порано, да ја посетам оваа прекрасна земја. Но околностите, сепак, ми овозможија пред две години. И со оваа земја се чувствувам како да сум ги видел сите земји во Европа. Тоа беше неверојатно. Претходно немав идеја, за време на Европското првенство, сепак, Македонија не е позната фудбалска нација. Но во јуни 2021 ми се сменија погледите, размислувањата. Уште на првиот ден ги запознав најдобрите луѓе, едноставно можам да кажам само позитивни комплименти за македонскиот народ. Дури и останувам без зборови кога ќе помислам на нив. Станавме пријатели уште од прв ден. И сме пријатели и ден-денес. Комуницираме, се договараме за дружби, патувања, натпревари, првенства. Благодарение на натпреварите со македонската репрезентација си стекнав пријатели за цел живот - раскажува Бени.



Тој си има календар каде настапува Македонија и оди да ги бодри репрезентативците каде што му дозволуваат можностите.

- По Европското првенство во фудбал се сретнавме во Штутгарт и во Минхен за време на викенд. Септември бев во Вадуц и го гледав натпреварот Лихтенштајн - Македонија. Октомври бев во Скопје и го гледав натпреварот Македонија - Германија. Бев таму со моите Македонци и секаде го носам македонскиот дрес. Интересно е што имам гледано 116 фудбалски натпревари со германската репрезентација. И на овој ден навивав со цело срце само за Македонија. Се видов во Скопје и со моите стари, германски фудбалски пријатели. И ми беше чудно, необично. Но, од 2016 година не навивам за Германија, не гледам кога игра ниту на телевизија, не ме интересира ништо - споделува Бени.



Во 2022 година тој, исто така, им ја даде својата поддршка на ракометарите и во Дебрецин. Се збогати со уште едно бесценето искуство. Рамо до рамо навиваше со македонските навивачи, до утрински часови се тешеа или славеа. И сега е веќе во Краков, обоен во боите на Македонија. Вооружен со македонски навивачки реквизити.

- Сакав да одам и во Палермо изминатава 2022 година, но неколку дена пред натпреварот се роди моето бебе. Во октомври 2022 сакав да навивам за МК во Тибилиси/Грузија, но го сменив работното место и повторно бев спречен. Но еве сега ќе надоместам и ќе се наполнам со убава енергија од натпреварите во Краков - ни изјави Бени.

Негово хоби се патувања и вели дека обожава фудбал. Целта му е што побрзо да ги исполни страниците на пасошот. Досега има посетено 67 земји. Украина, Абу Даби, Ватикан, Мексико, Мароко, Хрватска, Босна, Кина, Бугарија, Израел, Русија...


- За мене, ракометот не е толку многу важен. Но сакам да имам шанса да го видам Европското ракометно првенство со Македонија. Се обидувам да ја научам химната, но морам да признам дека не ја знам совршено, а и немав време да учам сега поради бебето. Песните што ги слушнав најмногу ми се допаѓаат, звучат толку добро, моќно. Кога ги слушам, се ежам. Неопсиливи се тие чувства. И сѐ ова за Македонија - изјавува Бени.
За кого?
- За Македонија - вели Бени.



И македонските навивачи потврдуваат дека имаат супер пријателство со Бени од првиот ден. Секако, восхитени се од фактот дека навива за Македонија. Изненадени од неговиот ентузијазам и силната желба, го прифаќаат како свој пуштајќи го заеднички гласот на максимум кога ракометарите го оставаат срцето на терен.




Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема