Тропска риба наречена „devil firefish“ со отровните боцки може да убие човек. Оваа риба започнала да се шири низ Медитеранот, предупредуваат експертите.
Рибата била забележана во водите околу Турција и Кипар во источниот Медитеран. Оваа инвазивна риба е повеќе позната како риба лав, а доаѓа од јужниот Пацифик и Индискиот океан.
Мариа дел Мар Отеро од Меѓународното здружение за заштита на природата вели дека појавата на оваа риба во Медитеранот претставува причина за загриженост.
Убодите од нејзините боцки ретко се смртни за луѓето, но се неверојатно болни и предизвикуваат повраќање и тешко дишење. Експертите за заштита на околината се грижат дека нејзиното доаѓање во Медитеранот може да предизвика и бројни други тропски риби во регионот. Се смета дека рибата ќе има негативно влијание на еко-составот и локалната економија.
И покрај воочливата боја и спорото движење, на оваа риба не ѝ се приближуваат дури ниту ајкулите, што на рибата ѝ дава слобода да се храни и уништува други видови кои ги одржуваат алгите. Поради ослабувањето на локалната фауна и флора, рибата би можела да привлече и други инвазивни видови.
Оваа риба предизвикала пустош откако била откриена во Карипскиот залив. Првпат била забележана на Куба во 2007, а за две години била вообичаена во водите околу Карибите.
Куба, Колумбија и Бахами ги охрабруваат своите жители да ја ловат и јадат за да го намалат бројот. Рестораните започнале да ја нудат во менито, а во Јапонија се смета за деликатес.
Рибата можеби пристигнала во Медитеранот од неодговорни љубители на аквариуми кои ја фрлиле во морската вода.