Како главен играч на пазарот на инфраструктурата наречена облак, „Мајкрософт“ сака да го пронајде најдобриот начин за складирање и моќ на своите машини. За таа цел, сега постави нов центар за податоци на морското дно близу Оркниевите Острови во Шкотска.
Идејата е дел од проектот „Натик“, иницијатива за идентификување еколошки одржливи начини за водење единици за управување со податоци од големи размери. Во првата фаза, која започна во 2014 година, постави мал потоплив центар за податоци, еквивалент со 300 десктоп-компјутери, и ги спушти во океанот во февруари 2016 година за да тестира дали навистина функционира.
Фото: Microsoft
Центарот работел речиси четири месеци. Во втората фаза, која започна пред неколку дена, компанијата постави 864 сервери во 12 рамки во запечатена подморница со големина колку стандарден контејнер со должина од 40 метри; дизајниран е да функционира повеќе од пет години без да бара одржување.
Но зошто овој напор за поставување податочни центри под вода? Според „Мајкрософт“, станува збор за енергетска ефикасност и брз пренос на податоци. Компанијата вели дека речиси половина од светското население живее во рамките на 190 километри од брегот, така што можноста да се сместат сервери во нивна близина ќе дозволи побрз пристап до онлајн-услугите.
Следно е тоа што може да бидат напојувани со ветерници што се наоѓаат во близина на водата, така што никогаш нема да има проблем со исклучување или трошоци за енергија. И трето, водата во океанот е претерано студена, така што ќе ги лади центрите за податоци без да има потреба за дополнителни трошоци за топлинска рамнотежа.
Овој посебен центар за податоци ќе биде следен во наредните 12 месеци; истражувачите од „
Мајкрософт“ ќе ги следат факторите како потрошувачка на енергија, внатрешни нивоа на влажност и температура. Компанијата се надева дека на крајот ќе го усоврши овој систем за распоредување центри за податоци што поевтино ќе се одржуваат со години.