X
 14.07.2016 Образование

Каде се ланските најдобри матуранти по математика?


Теодора, Виктор и Сара

Единаесет ученици лани имаа ист најдобар резултат на полагањето на државната матура, по предметот математика. Со дел од нив Факултети.мк направи интервјуа во кои ги кажаа своите планови и соништа, но и како станаа најдобри по овој предмет. Една година подоцна ги контактиравме и дознавме дека сите си ги остваруваат своите планови и студираат на добри унивезритети на кои впрочем и планираа да се запишат.

Виктор Рудан е студент на Факултетот за електротехника и информатичкји технологии во Скопје (ФЕИТ). Скромен, како што беше и лани, само ни кажа дека првата година ја завршил со просек 10 и дека ужива во студиите на овој факултет. Рудан инаку средно училиште заврши во скопската гимназија Раде Јовчевски Корчагин.

Охриѓанката Сара Доневска пак студира на Goethe University во Франкфурт. Кога го правевеме ланското интервју со неа с` уште не знаеше дали е примена на овој факултет, што значи дека и се остварил сонот. Таа оваа недела е презафатена со полагање на испитите.

На Теодора Бујароска која лани матурираше во гимназијата „Св Климент Охридски“- Охрид, целта и беше да се запише на престижен странски универзитет. Се чини дека успеала, бидејќи студира на Универзитетот во Манчестер и тоа токму она што најмногу го сака - математиката. Минатата недела успешно ги завршила сите испити и вели дека сега може малку да се релаксира и да ужива во летото.

- Студирам Актуарска наука и математика во Манчестер и уживам во студиите. Задоволна сум и од факултетот, од градот и од луѓето околу мене. Првава година живеев во кампус од универзитетот, а в година ќе живеам во куќа со другарки малку подалеку од центарот на градот. Студиите се одлично организирани. Имаме испити еднаш во семестар и некои мали тестови низ текот на годината. Имаме онлајн систем каде што ги гледаме оценките и сите материјали потребни, што е многу добро организирано. Професорите се многу често достапни за нас што е супер, а имаме и туторијали по различни прредмети секоја недела што ни го олеснува учењето. Имаме професори од најразлични држави и сите имаат различен пристап кон предавањето ама најважно е што сите се спремни да помогнат ако ги прашаш било што - раскажува Теодора.

Инаку бидејќи ова е Универзитет кој е рангиран меѓу првите 100 на Шангајската листа, Теодора користи целосна владина стипендија. Обрзана е да се врати да работи во Македонија шест години, откако ќе заврши со студиите.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование