X
 19.06.2017 Култура

Дали левораките навистина се подобри математичари?

Леонардо да Винчи, Марк Твен, Моцарт, Марија Кири, Никола Тесла, Аристотел, Бил Гејтс, Лионел Меси, Обама, Буш постариот...

Повторно се истражуваат старите тези за талентираноста на левораките луѓе. Пред повеќе од 30 години едно истражување покажа дека процентот на левораки меѓу студентите талентирани за  математика е значително повисок во споредба со деснораките.

Неколку научници тврдеа дека леворакоста дури може да има штетни последици по општата когнитивна функција и со тоа да влијае врз академскте постигнувања. Исто така, едно истражување покажа дека левораките се прилично застапени меѓу лицата со интелектуални потешкотии. Уште една обемна студија покажа дека левораките постигнувале послаби математички резултати на примерок на деца од пет до 14 години.

Интересно е дека овие поранешни студии, како и многу други, се разликувале една од друга според начинот на избор на методите и во тоа како биле категоризирани учесниците. И што е најважно, имале различен пристап во мерењето на математичките способности – од едноставно аритметичко познавање до сложено решавање на проблеми. Овие различни отстапувања во методите можат да бидат причина на драстично различните  добиени резултати.

За да добијат што посигурни резултати, научниците одлучиле да спроведат низа експерименти, вклучувајќи повеќе од  2.300 ученици, од основните и средните училишта. Овие експерименти се разликувале по видот и тежината на математичките задачи. За да обезбедат споредливост, употребиле класичен единбуршки прашалник, кој барал одговори од учениците која рака претежно ја користат за пишување, цртање, фрлање, четкање и разни други работи.

Резултатите објавени во „Фронтиерс“ покажуваат дека левораките ги надминале останатите  во задачите кои барале решавање на тешки проблеми, како поврзување на математички функции со зададени групи податоци. Но, кога задачите не биле толку тешки, како на пример едноставни аритметички задачи, немало разлики во постигнувањата помеѓу левораките и деснораките.

Овие откритија заедно покажуваат дека доминантната рака навистина може да биде показател на поврзаноста помеѓу мозочните хемисфери што на определен начин влијае врз процесот на спознавање. Но, на пример, само една третина од лицата со поразвиена десна хемисфера се левораки. Тоа упатува дека многу деснораки имаат слична структура на мозокот како левораките. Заради тоа мораме да бидеме внимателни при толкувањето на резултатите на човечките преференции во однос на раката која доминантно ја користат.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура