X
 26.07.2016 Образование

Британија воведува азиски математички концепт, а Македонија останува со британскиот

Азискиот математички метод кој се користи во наставата по математика во училиштата, најчесто наречен „мајсторски пристап“ започна да зема се' поголем замав, во голема мера поради фактот што овие земји имаат одлични резултати на меѓународните тестови.

 

математика


Така на пример, половина од основните училишта во Англија ќе добијат 41 милиони фунти во текот на следните четири години за учениците да започнат да учат според овој метод.

Мајсторксиот пристап претежно се користи во Јужна Азија и преовладува во Шангај, Кина и Сингапур.

Согласно со пристапот, студентите учат одреден концепт пред да се насочат кон повеќе комплексни идеи. Кога овој метод се применува во Шангај, учениците не се поделени во групи во зависност од нивните интелектуални способности. Наместо тоа, тие ја извршуваат истата задача во исто време пред да се соочат и да го усовршат следниот концепт заедно.

Целта на овој концепт е учениците да имаат интуитивно разбирање на математичките концепти и да започнат со поширок рецепт пред да го разложат математичкиот проблем во конкретни чекори за да го решат.

На пример, наставникот може да го воведе собирањето преку спојување на два предмети, потоа со учениците да ги истражува својствата на собирање преку различни активности, а потоа да го разложи процесот на додавање броеви во процедурални чекори.

Истражување од 2015 година направено во 140 училишта во Велика Британија покажа дека овој пристап ја подобрува брзината со која учениците ги совладуваат математичките вештини.

Покрај тоа, голем број на математички експерти го поддржуваат пристапот.

„Земјите кои се наоѓаат на врвот на табелата за достигнувања во математичкото образование го спроведуваат токму овој пристап во наставата по математика“, вели Чарли Стрип, директор на Националниот центар за извонредност во наставата по математика.

„Наставниците во овие земји не прават разлика во наставата по математика и тие не ги делат децата на послаби и подобри“, додава тој.

 

метод


Истражувањето од ПИСА од 2012 година открива дека азиските земји далеку ги надминуваат Велика Британија и Америка.

Македонија и наставата по математика


Додека Велика Британија се обидува да го воведе овој нов концепт на учење математика, во нашата земја е воведен Кембриџ системот кој, според голем дел од експертите, не е компатибилен со нашиот образовен систем.  Пресликувањето на туѓите системи на домашен терен.

Кембриџ програмата воопшто не ги следи главните психолошки фази на развој. Таа форсира конкретни операции со собирање и одземање на деца од 5 или 6 годишна возраст кои не можат да ја сфатат операцијата.

Уште пред воведувањето на програмата, голем дел од авторите на учебниците по математика беа изреволтирани поради новите учебници затоа што прво и основно се деградираат домашните автори, се воведува несигурен систем на работа, а Македонија и тоа како има квалитетен кадар по математика. Според нив македонските учебници по математика се квалитетни и современи, а самите автори имаат долгогодишно искуство, голем дел од нив биле и дел од Бирото за развој на образование со што и тоа како знаат како треба да изгледа еден учебник.

Во Македонија пак не е спроведено никакво истражување или анализа со кое Министерството за образование ќе излезе и официјално ќе ја претстави ситуацијата со математичката (не)писменост во нашата земја. Последното тестирање спроведено во Македонија беше ПИСА тестирањето во 2000 година, кога Македонија, од вкупно 41 земја се пласира на 38-то место по математички вештини (исто така, Македонија учествуваше и во ПИСА тестирањето во 2015 година, меѓутоа резултатите треба да излезат во декември 2016 година).
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование