X
 02.10.2020 Образование

Проф. д-р Марјан Ѓуровски: (Не)задоволни професори - (не)задоволни студенти - QUO VADIS ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ?

Да ги смениме стереотипите дека секој што е образован треба да си замине од земјата за да успее!


- Од обраќањето на проректорот на УКЛО, проф. д-р Марјан Ѓуровски, на свечениот академски час на Факултетот за безбедност-Скопје


Почитувана министерке за одбрана
Почитуван државен секретар на МВР
Почитуван декан на Факултетот за безбедност-Скопје
Почитувани продекани на Факултетот за безбедност
Драги професори,
Почитувани претставници на безбедносните институции,
Почитувани бруцоши, драги колеги
Почитувани родители,
Драги пријатели и гости,
Дами и господа,

Денес е најголемиот празник за секој универзитет бидејќи академското семејство е побројно, а заедницата побогата со нов потенцијал и енергија.
Дозволете ми, во име на ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, проф. д-р Сашо Коруновски, да ве поздравам и да ви посакам добредојде.

Универзитетот „Св.Климент Охридски“ подготви посебна стратегија за реализација на наставата во услови на пандемија со која верувам дека, преку хибриден модел на пристап и во најголемиот дел онлајн-работење, ќе одговориме успешно во совладувањето на наставните содржини и практики и притоа ќе го заштитиме вашето и здравјето на вашите најблиски, но секако и на сите вработени во високообразовните институции.

Најпосле, уверен сум дека пандемијата ќе повлијае многумина да размислат за значењето на високото образование и насушната потребата од некои професии во државата - доктор, информатичар, но и припадник на полицијата, армијата, разузнавачката заедница и сл.

Почитувани присутни,
Денес сите ние, како дел од Универзитетот и државните институции, воопшто, како општество, покрај справувањето со пандемијата сме исправени пред предизвикот - Наместо умови, надвор да извезуваме успешни приказни, затоа што знаењето е единственото богатство што никој не може да го одземе. Нашата обврска е да го запреме процесот во кој оваа и идните генерации својата иднина исклучиво ја гледаат надвор од границите на државата.

1

Драги бруцоши,
Верувајте, еднакво сум возбуден како сите вас тука присутни драги студенти. Наша цел е заедно да ги промениме стереотипите дека секој оној што е млад, добро образован и паметен, треба да си замине од земјава за да успее.
Прашањето за одлив на мозоци е легитимно и ве охрабрувам да размислувате во насока на тоа што може државата да направи за вас, вашата иднина овде, но и вие за неа, затоа што државата сме сите НИЕ!
Од тие причини треба и понатаму да се вложува во светот на млади, иновативни и талентирани умови.
Искористете го знаењето што ќе го стекнете на факултет.
Пандемијата покажа дека медицинските и информатичките науки, а после нив и науката за безбедност и управување со кризи, се иднината на светот, а вие сте направиле вистински чекор затоа што технологијата го движи светот, но безбедноста го чува светот и државата од нови ризици и закани, а со тоа и човековото  живеење и секојдневно битисување.

Драги студенти,
Преку школувањето вложувајте во себе, такви ѝ требате на татковината, на вашите роднини, другари и пријатели! Да си помогнеме сами на себе!


Драги пријатели,
Професорите и студентите никогаш не стоеле на различни страни. Тоа е така уште од создавањето на првите универзитети во светот, од Светиклиментовиот во Охрид, па до Болоња и тие во Мароко и Египет за кои малку се знае.... но тука е важно едно да се каже:
Незадоволни професори создаваат уште понезадоволни студенти -  и за ова сакам да пратам порака која гласно ќе ја изговорам со уверување дека ќе биде соодветно сфатена:
Статусот и стандардот на професорите, кој не е на потребното ниво, непосредно влијае врз студентскиот стандард и генерално рангирањето на македонските универзитети.

obrakanje

Ова го потенцирам бидејќи заедно треба да се стремиме кон универзитетска средина која треба да стимулира постојано проширување на репертоарот на наставни техники.

Драги пријатели!
Високото образование, вие студентите, професорите, државните универзитети, заслужувате многу повеќе!
За почеток да се избориме да се врати високото образование помеѓу првите три високи приоритети во јавните политики, кај ресорното Министерство за образование и наука, а потоа заедно да работиме на имплементација на заедничките цели и задачи преку поголема финансиска инјекција од државата за студентскиот стандард, за следење на наставата, сместувањето, факултетите, професорскиот кадар и неговото подмладување, како и заедничката работа во подоцнежните студиски години во делот на научните и стручни истражувања.

Впрочем, кога стремиме кон Европската Унија и започнувањето на преговорите за полноправно членство што ќе уследат до крајот на годината, треба да го имаме предвид ставот на Европската комисија дека Европа мора да ги зајакне трите пола на триаголникот – знаење – образование – истражување и иновации. И за сите три најважни се универзитетите, факултетите. А студентите и професорите се столбовите на Универзитетот!

Почитувани студенти,
Најголемиот дел од вас треба да бидат гениите на новото време кои имаат силна желба да работат напорно и долго.
Треба да сте подготвени целосно да се посветите на проектот наречен „Студент на Факултетот за безбедност-Скопје“. Да го развивате својот порив преку фокусирање на вашиот иден успех.
Надминете го својот страв од неуспех. Кога еднаш ќе сфатите дека можете да учите од своите грешки, нема да се плашите да преземате ризици.
Колку повеќе нешта ќе научите да постигнете, толку повеќе самодоверба ќе развиете. Не избегнувајте нови подвизи.

obrakanje

Почитувани дами и господа,
Меѓу нас денес се наоѓа министерката за одбрана која посветено работеше на подготовката на земјата за добивањето кандидатски статус за нашата држава за Европската Унија, потоа полноправното членство во НАТО, за што свој влог дадоа сите досегашни влади и многу други министри.
Овде е и државниот секретар на Министерството за внатрешни работи, на чие чело е министерот Оливер Спасовски, наш потврден пријател кој заедно со сите таму први луѓе, како и министерката Шекеринска се поддржувачи на нашиот Универзитет и Факултет за безбедност од кој се произлезени скоро сите досегашни директори на безбедносните сектори, како што е тоа впрочем случај со кадрите што овој факултет ги дава повеќе од 4 децении во безбедносните структури и служби во земјите на поранешните ју-простори.

Токму и идното формирање од Универзитетот на Алумни-клуб на Факултетот за безбедност-Скопје ќе го потврди елитното друштво кое произлегло и кое креира политики и денес одлучува во безбедносниот сектор.

Професионализацијата и департизацијатата на безбедносниот систем само ќе ви овозможат по вашето завршување на студиите да го најдете своето место и работа во безбедносните структури на државата и други значајни институции, меѓународни, регионални и друг тип организации.


Драги млади, почитувани студенти,
На крајот би сакал да ја искористам денешната можност кога веќе сум од другата страна на говорницата да ве прашам нешто.

Дали знаете што е тоа синдром шведска маса? Или т.н. принцип ШВЕДСКА МАСА?

Тоа е кога човекот, а денес особено младите и сега вие како студенти секојдневно сте ставени пред разни понуди, избори, одлуки... предизвици.
Толку многу понуди кои ни создаваат забуна, бидејќи го избираме само тоа што ни се допаѓа.
Е сега во тоа е и проблемот.
Човекот не е секогаш во состојба да направи избор за она што е најдоброто за него.
Затоа на студентите треба да им се кажат јасните ставови... Вие како студенти сакате предизвици и треба јасно да се артикулира што од вас се бара и очекува... и да се тргнат приказните дека патот е лесен.

Само ако на студентите им се овозможат добри темели може да се избегне синдромот шведска маса. Ние денес сме тука да ви кажеме и да ве поддржиме, да направите добар избор од шведската маса.

Не треба да се изолираме и да се заштитуваме, не треба да не ги слушате вашите професори или да правиме избор на предавањата и литературата која ќе ви се даде, и да се затворите од понудите на светот.

Културата на конкурентност е слаба точка во нашето општество и клучниот елемент за нејзино градење во нашата држава е интернационализацијата на поединците и институциите која може да се добие преку Еразмус плус програмата на Универзитетот. Еразмус плус програмата искористете ја веднаш по завршувањето на првата година од вашето студирање.

Но, сакам да ви кажам. Пасошот не е документ за во еден правец.
Размената и мобилноста подразбира да отидеш и да се видиш со некого, но притоа и нешто да му кажеш. А, ќе му кажеш ако нешто знаеш, а ќе знаеш ако работиш.
Затоа по справувањето со пандемијата, а тоа верувам ќе биде следната 2021 година, одете и во други земји, посетете други универзитети, но кажете за факултетот од кој доаѓате, за универзитетот на кој студирате, и за македонската држава во која живеете.

Денес во светот постојат неколку сценарија каква ќе биде иднината на образованието, какви ќе бидат и кон што се движат образовните институции.

Најпосакуваното сценарио е образовните институции да станат мрежи во општеството, да бидат заедници на наставата, науката, практиката, да бидат најпосакуваните места во општеството, најпосакуваните места во локалната средина.

За такви институции се потребни луѓе со поинаков поглед кон иднината. Потребни се примери, како што денес се случува тука и какви што од вас треба да произлезат.

Ова посебно сакам да им го нагласам на студентите.

Влатко Стефановски има една песна што се вика „Деца на сонцето“. И во таа песна тој пее дека ние сме деца на сонцето и сите сме фатени на орото, некој игра, некој само се сопнува.

Да учиме од нашите успеси, но и од нашите предизвици и грешки со цел да се изградат сопствени поцврсти заедници... малку генерации имаме кои биле вистински победници... нам ни требаат млади луѓе кои ќе победат на научниот натпревар во ЕУ, за тоа ни треба образовен систем, силен, со визија, кој ќе ги има сите брзини, освен назад... бидете генерацијата со која државата ќе се гордее, бидете авангардата на новото време.

Вие треба да бидете шампионите на новото време!

Бидете генерации кои со своето однесување ќе бидат пример за следните поколенија!

Бидете ми живи и здрави!
Среќно и успешно!
Да живее нашата АЛМА МАТЕР!

Ви благодарам.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование