X
 28.07.2016 Образование

Треба да се одмара од училиштето, но не и од учењето


 
Училишното ѕвонче го означи крајот на учебната година во јуни, но дали тоа треба да значи и крај на учењето на децата сѐ до септември? Каков ефект има нередовното читање за време на летото врз знаењата кои децата ги стекнале до крајот на учебната година, како и врз нивната самодоверба и желба за повторно враќање во училишните клупи во септември? Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во рамки на Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“, ги разгледуваше ефектите од нередовното читање и учење на децата за време на распустот и нуди неколку совети како родителите да учат со децата во текот на летото.

- Летниот распуст, кој во Македонија трае повеќе од два ипол месеци, за сите ученици треба да биде исполнет со читање и учење со цел учениците да: го негуваат и надградуваат знаењето стекнато во текот на учебната година, и да градат самодоверба која позитивно влијание врз нивната желба за повторно тргнување на училиште во септември. Родителите може многу да направат за да се превенира или надмине оваа ситуација. Тие заедно со останатите членови од семејството се единствените едукатори на децата во текот на летниот распуст, тие ја имаат главната улога да го поттикнат учењето во овој период. Притоа, треба да користат стратегии за подучување кои нема да одат против забавниот карактер на летото - велат од организацијата - „Чекор по чекор“.


Еве неколку предлози како да го направите тоа:



Пристап до книги и сликовници: Редовна посета на библиотека, купување или позајмување сликовници и книги кои се од интерес на детето, освен лектирните изданија, ќе ја зголеми можноста за детето да чита во текот на летото. Водете листа со детето за насловите кои ќе ги прочита, што му се допаднало и што научило од секоја прочитана книга.

Предлог: Симнете ги аудио-дигиталните сликовници кои се бесплатно достапни во Дигиталната библиотека на Фондација „Чекор по чекор“и користете ги на компјутер, таблет или мобилен телефон.

Летен дневник: Побарајте од вашиот син/ ќерка да води дневник за секој ден од летото каде ќе опишува што правел/а, што научил/а и како се чувствувал/а тој ден. Со тоа се подобруваат вештините за раскажување, пишување, но исоцио-емоционалните вештини.

Детето како истражувач и организатор на патувања: Ако планирате да патувате на летен одмор, дајте му улога на вашето дете во планирање на патувањето. Нека истражува на интернет повеќе за местото каде одите – историја, знаменитости, храна, обичаи итн. Направете листа на места кои сака да ги посети, работи кои сака да ги направи.

Посета на баба и дедо: Кога детето ќе го носите во посета на баба и дедо, поттикнете го да слуша приказни од постарите, а детето нека ги прераскажува или запишува. Но, и баба и дедо можат да научат нешто ново од внуците, на пример новите технологии. Така, детето може да им помогне на постарите во пишување на СМС пораки, електронска пошта итн. Меѓугенерациското учење поттикнува трпеливост и социјални вештини.

Математика насекаде: Може да вежбате собирање, одземање, споредување на количини, множење и делење додека пазарите, се пакувате за на одмор, патувате. Така, на пример, додека сте на плажа собирајте, одземајте и подредувајте ги по големина собраните камчиња, а додека сте на планина, заедно со детето смислувајте и решавајте текстуални задачи со дрвјата, куќичките и животните кои ќе ги видите.

Музеј и парк: Не заборавајте дека музеите, зоолошките градини и парковите во најблиската околина можат да бидат одлична можност за истражување и учење за децата.

- Ова се само неколку идеи и предлози како љубопитните детски глави да останат ангажирани цело лето, а притоа воопшто и да не забележат дека учат бидејќи сето тоа ќе биде дел од нивното секојдневие исполнето со игра и одмор. А, кога ќе дојде почетокот на новата учебна година, децата кои читале и учеле на летото ќе бидат со свежи сеќавања за она што го учеле до јуни, а се надеваме и со нови, дополнителни знаења и иксуства. Во посакуваме долго, среќно лето и пријатно учење - велат од организацијата „Чекор по чекор“.



Наодите од истражувања спроведени во САД од страна на Националното здружение за учење преку лето (National Summer Learning Association) укажуваат дека кај децата кои не читаат и не учат во текот на летото значително може да се намалат академските постигања и знаењето кое го стекнале во текот на учебната година. Децата кои се во фаза на описменување, а не читаат во текот на летото, можат да се вратат и до 2-3 месеци назад од нивото на знаења, а оваа негативна појава има кумулативен ефект кој ќе се провлекува и низ подоцнежните години од образованието. Ова особено е изразено кај децата кои доаѓаат од семејства со понизок социо-економски статус бидејќи немаат книги во домот и не се често изложени на искуства за учење надвор од училиштето, како што се дополнителни часови, летни кампови, посета на библиотека или музеј. 

И на бебињата треба да им се чита

На децата треба да им се чита литература од најмала возраст. Нема ограничувања во однос на тоа на која возраст треба да започнете со читање на детето – науката вели дека мајката треба да почне да му чита на своето дете уште кога тоа е во утробата. Читајте заедно со детето минимум по 15 минути на ден, секој ден. Така кај детето ќе се постигне поголема течност, точност и разбирање на прочитаното.


Подготвил: М.Ф
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование