X
 19.08.2016 Образование

Ранците на основците носат ризик, тежат и по пет килограми

Речиси пет килограми тежел ранецот на основецот Александар,  во ланската учебна година, во деновите кога имал шест часа на училиште. Во другите денови, тежината на ранецот била помала, но никогаш под три и пол килограми.




- Му ја мерев тежината на ранецот, никогаш не беше под три и пол килограми. Годинава секој ден ќе има барем по пет часа, бидејќи ќе биде петто одделние, па очекувам секој ден на грб да носи по четири, пет килограми - вели неговата мајка Маја Симоновска.

Ова, според ортопедите е големо оптоварување за грбот на учениците кое со останатите фактори како неправилно и долго седење на столче, недоволна физичка активност, може да предизвика низа деформитети на `рбетниот столб и проблеми со кичмата. Токму поради вакви проблеми, властите во Црна Гора лани и ја ограничија тежината на училишните торби до 4 килограми, за учениците од одделенска настава. 

За децата како Александар, кои не учат во целодневна настава и учебниците секој ден мора да ги носат на училиште, опасноста од сколиоза, кифоза и други оштетувања на `рбетот е уште поголема.

- Читанка, книга и работни листови по математика, книга и работна тетратка по природни науки, буквар по латиница, две книги по англиски јазик и четири тетратки. Дополнително се носи и блокче и училишен прибор. Кога има шест часа, ранецот му тежи речиси пет килограми. Едвај јас можам да го носам. Во училиштето нема целодневна настава и сите книги ни се потребни и дома – вели мајката на Александар.

Родителите велат дека и наставниците мора да водат сметка за тоа што бараат да се носи во училиште, но и во сите училишта да се обезбеди целодневна настава, каде учениците ќе ги завршат сите училишни обврски. Дека се поголем е бројот на дечиња со деформитети на `рбетниот столб ни потврдија и од одделението за физикална медицина во ГОБ „8 Септември“, а како една од причините се наведува и тешките училишни торби.

Од три до најмногу четири килограми тежина на училишните торби за ученици до петто одделение препорачуваат и нашите ортопеди. Но, за жал, ранците на нашите ученици најчесто тежат и по пет килограми, што не е добро за таа возраст.

- Добро би било да се води сметка, па да не се носат сите книги и друга опрема во училиште секој ден. Но, ранците на нашите ученици за жал тежат повеќе. Самата тежина на ранецот не може да предизвика искривување на рбетот и реален деформитет, без дополнителните фактори, но кај децата создава неправилно држење на телото. Се случува мускулен дисбаланс, и таканаречено сколиотично држење -вели ортопедот Мирјана Радевска.

Како да изберете правилен ранец

Многу важен фактор за заштита на детето е и изборот на ранецот, а не само и неговата тежина. Ортопедот објаснува дека штета може да нанесе и неправилно распоредена тежина.

- Затоа треба да се избере соодветен ранец, со цврста подлога кај грбот, пошироки рамки, но кои не ги покриваат зглобовите кај рамениците и јас препорачувам и врзување околу струкот и кај градите. Има такви ранци со дополнителни каиши кои ќе обезбедат правилно распределување на тежината - вели ортопедот Радевска.

Ортопедите објаснуваат дека основен тест за правилно избран ранец е кога ќе го стави детето на грб да може да ја врти главата лево десно. Треба слободно да може да ги испружи рацете напред, нагоре и странично, без рамките да го покриваат зглобот на рамото. Торбата не треба да биде многу поширока од телото на детето, не треба да биде над нивото на рамениците и под нивото на струкот.  Ако ја удира со задникот додека се движи, неприродно ќе се наведнува назад, а ако е превисоко над рамениците, има опасност да се згрбави.
Подготвил: М.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование