X
 13.11.2018 Живот

Стапката на самоубиства меѓу младите Јапонци највисока во последните 30 години

Најновите податоци од јапонските основни и средни училишта покажуваат дека 250 деца од оваа земја, поради различни причини (меѓу кои и сексуална злоупотреба, проблеми во фамилијата и стрес), извршиле самоубиство во периодот меѓу 2016 и 2017 година. Тоа е петпати повеќе од претходната година и највисок број по 1986 година, кога починале 268 јапонски ученици.

Стапката на самоубиства е загрижувачки висока, особено меѓу средношколците, а најмногубројни се самоубиствата на први септември, кога почнува нова училишна година.

- Долгата пауза дома и останувањето дома се рај за оние што се жртви на ученичко насилство. Кога ќе заврши летото, децата мора да се вратат на училиште и почнуваат да се грижат дека одново ќе бидат жртви на насилство, па ризикот од самоубиства расте - истакна Нанае Мунемаса за Си-ен-ен во 2015 година кога имаше 17 години.

Таа тогаш истакна дека и самата помислувала на самоубиство поради ученичко насилство пред јавно да ја каже својата приказна за да им помогне на другите млади лица.

Бројот на самоубиства меѓу младите е зголемен, а вкупниот број на самоубиства во Јапонија опадна на околу 21 илјада, од врвот во 2003 година кога 34 илјади луѓе си го одзеле животот.

Јапонската влада во 2016 година објави план за борба за намалување на бројот на самоубиства за 30 отсто до 2026 година, особено меѓу младите. Дел од планот е и ангажирање советник за секое основно и средно училиште и отворање линија за 24-часовна помош и поддршка.

Јапонија долго време се бори со кризата од самоубиствата, кои се главна причина за смрт меѓу младите. Проблемот постои и во поширокиот азиско-пацифички регион. Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), само Јужна Кореја има повисока стапка на самоубиства од Јапонија. Тоа е една од главните причини за смрт и во Хонгконг.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот