X
 26.11.2021 Наша тема

Интервју со Светлана Димитриевска: Создаваме одлични пијанисти иако сме мала држава

Интересот, ентузијазмот и желбата за изучување инструмент се големи на почетокот на образованието. Но, за жал, како што расте потребата од ангажман, така опаѓа интересот. Пијаното бара голема посветеност и време, кое децата го немаат. Мислам дека треба да ги осовремениме програмите, да се вклучат апликации кои дополнително ќе ги мотивираат децата, ќе им го задржат вниманието, вели Димитриевска


Дали во време на експанзија на ИТ-технологија децата избираат да свират класични инструменти? Ова прашање ѝ го поставивме на м-р Светлана Димитриевска, наставничка по пијано во Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“, како и раководителка на класата по пијано. Димитриевска, која има 19-годишно искуство во работата, во интервју за Факултети.мк зборува за интересот за инструментот, за тоа дали имаме талентирани ученици кои нѐ претставуваат надвор од земјава, како и за тоа дали треба да се осовремени наставата.

Во време на развиена ИТ-технологија, дали денешните деца избираат да свират класични инструменти, каков е интересот?

И покрај брзиот развој на ИТ-технологијата, дигитализацијата и присутноста на видеоигрите и апликации во секојдневието на денешните деца, сепак, интересот за изучување на пијаното е голем. Проблемот, според моето искуство, е во недостигот на фокус, концентрација и посветеност. Интересот, ентузијазмот и желбата за изучување инструмент се големи на почетокот од образованието. Но, за жал, како што расте потребата од ангажман, кој се зголемува со текот на програмата, така опаѓа интересот. Изучувањето на пијаното бара голема посветеност и време, кое децата го немаат. Посетуваат голем број активности и секако не постигнуваат да се посветат како што е потребно. Некои го изучуваат заради општа култура, што по мое мислење е исто така одлично. На тој начин ја описменуваме публиката, која подоцна ја разбира класичната музика, развива музички вкус и естетика и знае соодветно и правилно да ја цени и да ја вреднува.



Можеме ли како држава да се пофалиме со ученици-таленти за клавир?

Да, како држава може да се пофалиме со таленти, односно ученици кои ќе бидат идни пијанисти. Голем е бројот на наши ученици кои со успех се запишуваат и студираат на еминентни музички академии. Градат концертна кариера во странство и кај нас, редовно настапуваат и концертираат и придонесуваат за развојот и одржувањето на нашата музичка култура. Токму настанот кој веќе традиционално го организирам со поддршка на КИЦ и Град Скопје, Денот на пијаното - Скопје е посветен на млади пијанистички таленти.

Освен талент, неопходна е и макотрпна работа за да се постигне успех. Какви се успесите на нашите ученици во и надвор од државата?

Изучувањето на пијаното, но и на сите инструменти бара голема дисциплина, истрајност, упорност и пожртвуваност. Секако, најважна е љубовта кон оваа благородна професија. Настапите се најбитниот сегмент при изучувањето на пијаното. Музиката е временска уметност. Настапите се, секако, стресни и посебен психолошки момент, што претставува уште еден голем предизвик за идните пијанисти. Нашите ученици постигнуваат одлични резултати. Сепак, најмногу се присутни на балканските натпревари, а тука постигнуваат солидни резултати. Македонија е мала држава, но успеваме да создадеме и да изградиме одлични пијанисти. Кај нас постои недостиг на музички менаџмент, но се снаоѓаме. Самите сме им менаџери на нашите ученици. Во мала држава тоа потешко би функционирало, но можеби ќе се промени во иднина.

Има ли нешто што треба да се подобри и поправи за да се задржи интересот кај учениците за класичните инструменти?

Многу често размислувам на оваа тема. Тоа е поврзано со многу сегменти од начинот на живеење. Доколку учениците успеваат во оваа професија да ја видат својата иднина, тоа е веќе отстранување на голема препрека. За жал, нашата професија бара голема пожртвуваност, но не е доволно валоризирана и исплатлива. Љубовта кон пијаното, кон музиката е главната мотивација за повеќето ученици. Од друга страна, мислам дека треба да ги осовремениме програмите, да се вклучат апликации кои дополнително ќе ги мотивираат децата, ќе им го задржат вниманието и желбата. Има многу странски страници кои веќе одамна го употребуваат овој вид дополнување на музичкото образование. Уште една многу важна работа е да се воведе што повеќе слушање класична музика. Токму овие веб-страници и апликации за деца го нудат тоа, односно нудат одличен избор на композиции кој е соодветен за возраста на децата кои почнуваат да учат инструмент. Треба развојот на технологијата да го ставиме во функција на придобивките и во рамките на развој на креативноста.

Фото: приватна архива
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема