Пораката од Мусолини, пронајдена под големиот обелиск во Рим, фрла ново светло врз фашистичкиот режим под негово водство. Текстот е напишан на пергамент, на латински јазик, и е закопан под споменикот заедно со златни монети, а се претпоставува дека намерата на диктаторот била да остави завет до идните генерации.
Ова сензационално откритие повеќе од осум децении било сокриено од јавноста речиси во самиот центар на Вечниот град, во близина на спортскиот центар Форо Италико. Научниците Бетина Рајц - Хозе и Хан Ламерс се првите кои имаа можност да го преведат текстот. Инаку, самиот обелиск е подигнат во 1932 година во чест на фашизмот, како идеја на Мусолини.
“Текстот од пораката на Мусолини дефинитивно е наменет за идните поколенија(...), иако во тоа време самиот обелиск бил сензација, никаде не постоеле индикации дека нешто е закопано под него, па лесно е да се заклучи дека заветот е наменет за некое идно време”, изјави за
BBC Рајц-Хозе, експерт од институтот во Гронинген.
Таа има свое логично толкување за овој чин: “Познато е дека фашистите беа oпседнати со Римското царство. Тоа толку ги фасцинираше, што постојано копаа по остатоците и понекогаш пронаоѓаа и некакви пораки. Така се сетија дека и тие можат да остават нешто за генерациите што доаѓаат.”
Всушност, идејата била прозаична: величење на фашизмот и на самиот Мусолини.
Во првиот дел од текстот е запишана историјата на фашизмот и подемот на Бенито Мусолини, каде се возвишува како спасител на Италија, кога го допрела дното по Првата светска војна. Потоа се пишува за неговата натчовечка решителност што му помогнала на државата да се подигне од пепелта.
“Мусолини во текстот се опишува како нов римски цар и спасител на италијанскот народ. Во описот на неговите лик и дело се користат и библиски изрази”, изјави д-р Ламерс од Берлинскиот универзитет.
Вториот дел од пораката се однесува на фашистичките младински организации, а третиот дел ги открива плановите во врска со Фора Италика, тогаш именувана како Форо Мусолини.