03.07.2024
Образование
Ова се факултетите со најмногу студенти во Македонија
Во академската 2023/2024 година се запишале вкупно 52.316 студенти, што претставува намалување за 2,8% во споредба со академската 2022/2023 година, објави денеска Државниот завод за статистика. Оттаму додаваат дека бројот на запишани студентки е 30.704, или 58,7%.
Најголем број студенти (40.695 или 77,9%) се запишале на државните високообразовни установи, додека 22,1%, односно 11.298 студенти се запишале на приватните високообразовни установи.
На прва година на студии, во оваа академска година, се запишале 15.330 студенти или 29,3% од вкупниот број (тука се опфатени и студентите што запишуваат прва година по втор, трет и повеќепати).
Податоците покажуваат дека најмногу студенти се запишани на најстариот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што годинава испити полагале 20.892 студенти, најголем број редовни (20.092).
Во рамките на УКИМ, но и во целата држава, најброен факултет е Факултетот за информациски технологии и компјутерско инженерство (ФИНКИ), на кој студираат 4.722 студенти, сите редовни.
Втор по големина на УКИМ е Медицинскиот факултет со 2.915 студенти, од кои 2.748 редовни.
Трет е Економскиот со 2.022 студенти, од кои 1.979 редовни.
Втор најголем универзитет во Македонија е Универзитетот во Тетово со запишани 7.785 студенти, од кои 6.731 редовен.
Во рамките на УТ, на Факултетот за медицински науки студираат половина од сите студенти, вкупно 3.354, од кои 3.063 редовни.
Втор е Природно-математичкиот со 756 запишани студенти, а трет Педагошкиот со 651.
На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип студираат 6.385 студенти, од кои 5.029 редовни.
На третиот по големина универзитет во земјава, најголем интерес за студирање има на Факултетот за медицински науки, каде што студираат 3.186 студенти, од кои 2.788 редовни.
Втор најпосетен е Факултетот за туризам и бизнис-логистика во Гевгелија, каде што се запишани 639 студенти, а третото место го зазема Факултетот за информатика со 368 студенти.
Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола брои 3.114 студенти.
Најмногу студенти во рамките на овој универзитет се запишани на Факултетот за безбедност - Идризово, вкупно 672, од кои 607 редовни.
Втор факултет по бројот на УКЛО е Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, каде што студираат 521 студент, а трет е Факултетот за информатички и комуникациски технологии со 468 студенти.
На Универзитетот „Мајка Тереза“ студираат 1.883 студенти, од кои 1.751 редовен.
Во рамките на овој универзитет, најброен е Факултетот за социјални науки со 695 запишани студенти, на второто место е Факултетот за технички науки со 360 и на трето Факултетот за информатички науки со 222 студенти.
На Високата медицинска школа во Битола студираат 372 студенти, од кои 250 редовни.
Податоците на ДЗС покажуваат дека на верските факултети во Македонија студираат 323 лица, при што 82 студираат на Православниот богословски факултет, а 241 на Факултетот за исламски науки.
Од приватните универзитети најброен е Меѓународниот балкански универзитет - Скопје со 2.763 студенти, по што следува Универзитетот на Југоисточна Европа - Тетово со 2.252 студенти, а третото место го зазема Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ - Свети Николе со 1.368 студенти.