Австралискиот кинематографер Џон Сил доцна синоќа пристигна на скопскиот аеродром, а денеска ќе отпатува во Битола, каде ќе биде специјален гостин на фестивалот „Браќа Манаки“. Од фестивалот известуваат дека Сил и неговата сопруга Луиз пристигнале добро расположени и пред сѐ, љубопитни да ја запонзаат нашата земја и фестивалот што ја слави креативната моќ на кинематограферите.
На свеченото отворање на фестивалот кое ќе се случи утревечер во Центарот за култура во Битола, Сил ќе ја прими наградата за животно дело „Златна камера 300“ и ќе се вброи во клубот на великаните на филмската камера на фестивалот „Браќа Манаки“.
Џон Сил снимил дел од најзначајните остварувања на светската филмска уметност, а во 1997 година освои „Оскар“ за филмот „Англиски пациент“. Ги снимил: „Талентираниот г-дин Рипли“ и „Студенгора“, „Друштво на мртвите поети“, „Сведок“. Во 2015 година беше номниран за „Оскар“ за филмот „Лудиот Макс: Патот на бесот“.
На фестивалот во Битола, публиката ќе може да проследи и мастер-клас со големиот кинематографер Џон Сил.