X
 03.11.2016 Култура

Господарот на прстените доаѓа во Скопје на „Синедејс“

Цената на билет за проекциите во киното „Милениум“ ќе биде 150 денари, со исклучок на филмот на Вуди Ален „Кафе – Друштво“, за кој билетот ќе чини 300 денари. За проекциите во киното „Фросина“ билетот ќе чини 100 денари, а филмовите од програмата во Џебно кино, ревиите Орсон Велс и ЛГБТ и Детска програма ќе бидат бесплатни. И годинава средношколците и студентите ќе имаат попуст од 50 денари за секој купен билет



Холивудската мега ѕвезда Илајџа Вуд, човекот кој веројатно најмногу го препознавате по улогата на хобитот Фродо во трилогијата „Господарот на прстените“, доаѓа во Скопје и на 19 ноември ќе одржи концерт со музичкото дуо во кое членува, Wooden wisdom. Концертот ќе се одржи во рамките на 15. издание на Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“ кој ќе трае од 10 до 19 ноември. Фестивалот традиционално го организира Младинскиот културен центар.

Цената на билет за проекциите во киното „Милениум“ ќе биде 150 денари, со исклучок на филмот на Вуди Ален „Кафе – Друштво“, за кој билетот ќе чини 300 денари. За проекциите во киното „Фросина“ билетот ќе чини 100 денари, а филмовите од програмата во Џебно кино, ревиите Орсон Велс, ЛГБТ и Детска програма ќе бидат бесплатни. И годинава средношколците и студентите ќе имаат попуст од 50 денари за секој купен билет.



Фестивалот и годинава ќе понуди многу филмови кои ќе бидат прикажани во повеќе програми. Меѓу ексклузивитетите кои годинава ги нуди „Синедејс“ е и филмот „Патерсон“ на легендарниот Џим Џармуш, за кој режисерот лично дава дозвола да биде прикажан. Златко Стевковски, директорот на МКЦ вели дека одобрението го добиле утрово во 4 часот.

- Како и досега, и ова јубилејно издание ќе се обиде да го задоволи истенчениот вкус на својата многубројна и верна публика. Го чекаат цела година, го снемува за десет дена. Откажете им на вашите ФБ, ТВ, и ДА, наместо в меана, и/или „кафанче“, не бидете „ин“, „кул“, „тренди“…, бидете поразлични, бидете барем десетина дни спокојни - во својот стил најави Стевковски.
Филмовите ќе бидат прикажани во повеќе програмски селекции: Официјална, Синебалкан, Гала програма, Музички документарци, LGBT филмови, МК-Кратки филмови, МК во ЕУ, Студентска програма, 101 година од раѓање на Орсон Велс, Детска програма и богата придружна програма од работилници и музички настани.

Во Гала програмата чќе бидат прикажани 25 филма од врвни режисери, наградувани на  фестивалите во Кан, Сан Себастијан, Венеција, Берлин, Ротердам. Меѓу нив се: „Аве, Цезар!“ на браќата Коен, „Кафе - Друштво“ на Вуди Ален, „Патување на времето: животно патување“ на Теренс Малик, „Убавите денови во Аранхуез“ на Вим Вендерс, „Патерсон“ на Џармуш и други.
Филмовите за официјалната селекција и за програмата Синебалкан и годинава ги селектира  Бернд Будер, а меѓу нив се најдоа: „ Жив песок“ на Ренарс Вимба, „Галопирачки ум“ на Вим Вандекејбус, „Куќа без покрив“ во режија на Солен Јусеф, „Влажност“ на Никола Љуца, потоа „Добра сопруга“ на Мирјана Карановиќ, „Сите градови на Северот“ во режија на Дане Комљен, „Жалејка“ на Елиза Петкова, „Не ми зјапај во чинијата“ на Хана Јисиќ.

По завршувањето на филмските проекции од овие две програмски целини, ќе следуваат  сесии на кои публиката ќе може да разговара со режисери, продуценти, директори на фотографија, актери, кои ќе бидат гости на фестивалот.
Годинава сета програма со музички карактер е „спакувана“ во посебна програмска целина Синемјузик. Филмската селекција ја сочинуваат девет филмови, меѓу кои „Miles Ahead“ позветен на Мајлс Дејвис, во режија на Дон Чедл, „The Beatles: Eight Days a Week – The Touring Years“ во решија на Рон Хауард, „Gimme Danger“ на Џим Џармуш, „Limunovo drvo“ на Бранко Радаковиќ и други. Во рамките на оваа програма, секоја вечер по завршувањето на филмските проекции ќе биде организирана придружна музичка програма од концерти и диџеј сетови.

Фестивалот ќе биде затворен на 19 ноември со ексклузивен настап на музичкото дуо Wooden wisdom во кое членува и Илајџа Вуд.
- Во соработка со Шведската амбасада во Скопје и во активистичкиот дух на фестивалот ќе биде реализирана филмска програма со LGBT тематика, преку чии содржини ќе се обидеме да отвориме дебата, со гостите активисти/режисери од Шведска и европскиот регион за проблемите со кои се соочуваат овие општествено маргинализирани групи - велат од МКЦ.
Во рамките на придружната програма ќе биде доделена награда за најдобра филмска критика. Целта е да се охрабрат студентите по новинарство и по филм, и воопшто, сите критички настроени филмски ентузијасти да напишат рецензии за филмовите што ги проследиле на фестивалот, за што ќе следува и награда доделена од специјално жири.

Ќе има и работилница за продукциски дизајн - Сара Холдрен и Лора Бишоп ќе ги опфатат најосновните и неопходни елементи потребни за да се започне да се работи во професионален сектор за продукциски дизајн. Во рамките на одбележувањето на 101 година од раѓањето на големиот филмски маг Орсон Велс, врвен интелектуалец, режисер, актер, писател, магионичар, либерал, сликар и поет, во потесна соработка со Американската Амбасада во Македонија, ќе бидат донесени филмски експерти и критичари, кои би зборувале за животот и делото на оваа филмска легенда. Агенција за филм организира работилница „Oдбрани алатки за драматургија“, а местер клас ќе одржи Арне Колвајер. Ќе биде презентирана и програмата „Медиа“ на Креативна Европа.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура