„Битката на Неретва“ спаѓа во корпусот со најамбициозни филмови во поранешна Југославија. Најголемите светски ѕвезди на тоа време, Јул Бринер, Франко Неро и големиот Орсон Велс, им се придружија на актерските легенди од регионот, а плакатот за филмот го нацрта Пабло Пикасо.
На изненадување на режисерот Велко Булаиќ, Пикасо веднаш го прифатил предлогот, па екипата на филмот се испаничила бидејќи морала да смисли како да го исплати Пикасо.
За среќа,
Пикасо рекол дека не сака пари, туку побарал сандак со најдоброто југословенско вино во кој имало 12 шишиња.
Овој филм се смета за најдобар и најскап филм снимен во Југославија. Постигнал и меѓународен успех, освоил многубројни награди, а бил номиниран и за „Оскар“. Во јуни 2010 година, на 32. Меѓународен филмски фестивал во Москва, во конкуренција од 120 филма на светската кинематографија, бил вклучен во десетте најважни филмови за Втората светска војна.
На премиерата на филмот, која се одржала на 29 ноември 1969 година, на отворањето на сараевскиот културно-спортски центар „Скендерија“, покрај Тито и филмската екипа, присуствувале и Софија Лорен и Омар Шариф.