X
 18.09.2016 Култура

Новинар открива детали за Путин

Кој е господинот Путин? беше најчестото прашање кое го поставуваа странските новинари кога во 2000 година релативно непознатиот Владимир Путин стана претседател на Русија.

 

путин


Сега, после повеќе од 16 години од изборите, а во пресрет на парламентарните избори во Русија, се поставува прашањето: „Кој господин Путин е вистинскиот Путин? Дали тоа е прагматичар кој некогаш дискутирал за влез на Русија во НАТО? Дали тоа е човек кој сака да ја зголеми територијата на Русија со спојување со Крим?“

Одговорот на ова прашањето го носи книгата „Сите луѓе на Кремљ“ напишана од Михаил Зигар. Зигар, водечки руски новинар, направил портрет на ликот на Путин кој се трансформирал низ годините, особено неговиот однос кон Западот. Зигар тврди дека Путин своето претседателствување со Русија го започнал верувајќи дека може да изгради добри односи со Западот, особено со Америка.

Некаде на почетокот на неговиот трет мандат, после серија конфликти и обвинувања кои ги почувствувал на своја кожа, тој станал уморен од светот. Се шпекулира дека во една прилика, на американскиот потпретседател Џо Бајден му рекол: „Ние не сме како вас. Само изгледаме така“.

Во неговата книга Зигар не се фокусирал само на ликот на Путин, туку и на останатите луѓе кои го опкружувале. Тој со години собирал материјал потребен за детален увид во светот на рускиот претседател.

Зигар пишува за ликови како Михаил Ходорковски, поранешен сопственик на руската нафтена компанија „Јукос“, кој е осуден за даночно затајување како и рускиот премиер Дмитриј Медведев. Тој споменува и луѓе за кои широката јавност не знае, а кои имале влијание врз одлуките на Путин. На пример, Вјачеслав Володин, политички стратег кој го советувал Путин за конзервативниот потег со кој го освоил третиот мандат.

Зигар го опишува Путин како назаден тактичар, некој без карактеристики на голем стратег. Судбината и можностите се нашле пред него во одреден момент и играле поголема улога во развојот на случувањата, а не политичките калкулации. Она што се случува со Кремљ, според Зигар всушност е приказна за политиката врз основа на личноста, егото и амбициите, а не политиката, верувањата и идеологијата. Целата книга има карактеристики на добар трилер. Но, голем дел од случувањата се врз основа на гласини и анонимни извори, па не може да се земе како целосно прецизна.

Но, и податоците добиени од блиски личности на Путин укажуваат на тоа дека владеењето на Путин се карактеризира со отсуство на план и стратегија. Токму неговата непредвидливост во неговите планови го прават страшен во очите на Западот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура