X
 21.09.2016 Култура

Тајните што ги крие "тетовираната" мумија, стара 5000 години


Еци бил човек кој живеел пред повеќе од 5000 години, чија што замрзната мумија е пронајдена пред 25 години на Алпите, на границата меѓу Италија и Австрија.

Мумијата Еци

Во 1991 година на полицијата ѝ било дојавено за замрзнат леш на планинскиот масив, по што била покрената криминалистичка истрага.

Мумифициран во мразот, Еци станал сензација и извор на непроценливи научни истражувања што траат до денес.

Еци и неговите предмети може да се видат во специјално климатизиран дел во музејот за археологија на Јужен Тирол, кој секоја година привлекува 260 илјади туристи од целиот свет.

25 години по откривањето на Еци, научниците сè уште откриваат нови нешта поврзани со мумијата, со помош на развојот на новите технологии.

Анџелика Флекингер, претседателката на музејот во градот Болкано, смета дека Еци е едно од најистакнатите откритија на мумии во човештвото. 

Еци во лабораторија

Во моментот кога умрел Еци, Стоунхенџ во Англија и египетските пирамиди, сè уште не биле изградени.
Живеел во добата на доцниот неолит, кога се откопувала руда и се топел бакар, што стигнал во Европа од Далечниот Исток.

На неговото тело е забележлива рана од стрела, што значи дека бил погоден. Се претпоставува дека искрварил до смрт, а можеби го докрајчиле со удар во главата. Околу 12 часа пред смртта, Еци јадел алпска дивокоза на ражен, а тоа го покажала анализата на содржината во неговиот желудник.

Добро сочуваното тело им овозможило на научниците детални истражувања.

За разлика од другите мумии, во клетките на Еци забележале влага, што значи дека неговото тело не поминало обредно погребување. Поголемиот дел од египетскте мумии немаат мозок и други органи.
Еци имал нетолеранција на лактоза, и генетски предиспоцизии за срцеви заболувања, на што укажувале тврдите артерии, што тогаш се сметало за модерен феномен.

Ѝ припаѓал на генетска група која денес е многу ретка во Европа, но честа на Корзика и Сардинија, што значи дека Еци и тамошните жители имаат заеднички предок.

Се смета дека истражувањето на бактериите во стомакот на Еци може да доведе до напредок во медицината. На пример, една бактерија што се наоѓа во неговите црева, може да се најде и кај 50% од денешното население, а која може да доведе до чир на желудникот, па дури и до рак.      

Еци имал 46 години и 61 тетоважа на телото. Со својата возраст, во тој период се наоѓал во златното доба од животот. Имал долга коса, костенливи очи, брада, ни грам масни наслаги и 61 тетоважа, но ниедна орнаментална, туку создадени заради медицински цели. Ги означувале болните места што одговараат на денешните точки на акупунктурата. Пред да го откријат, се верувало дека техниката е измислена 2000 години подоцна во Азија. 

Мумијата Еци (Ӧtzi) е пронајдена заедно со бакарна секира, стрели, нож и алат за острење стрели. И облеката му е добро сочувана, а сочинета е од панталони и капут изработени од кожа, капа од крзно од мечка, чевли од сено и кожа од елен, торба и нешто што личи на наметка.

Еци
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура