X
 22.03.2019 Живот

Оваа земја го ограничува бројот на туристи на 1.000 на ден

Како да не е доволно тешко да се посети Северна Кореја, па сега властите на оваа земја одлучија да го ограничат бројот на туристи.

Од 18 март бројот на туристи што ќе можат да влезат во Северна Кореја ќе биде ограничен на 1.000 дневно. Туристичките агенции во Кина наводно биле известени за промената што била направена по приливот на посетители по неодамнешните самити што се одржале меѓу лидерите на Северна Кореја и САД.

Иако е тешко да се каже точната статистика, државното биро за туризам на Северна Кореја објави дека бројот на странски посетители во земјата достигна највисоко ниво во јули и август минатата година, со околу 1.800 посетители на дневно ниво.

Околу 10.000 туристи ја посетуваат оваа земја на годишно ниво, а повеќето од нив се од Кина. Посетителите првенствено ја посетуваат земјата за да го видат она што многумина го сметаат за „херметичко царство“, под раководство на тајното семејство на Ким, кое дошло на власт откако Корејскиот Полуостров бил поделен, по Втората светска војна.

2
Фото: Getty Images

Иако во Северна Кореја постои релативно ниска стапка на криминал, а посетителите обично имаат безбедно искуство, повеќето меѓународни влади препорачуваат нивните граѓани да не патуваат во оваа земја, а постојат и строги регулативи за тоа што патниците смеат, а што не смеат да прават во текот на нивната посета (вклучително и да не учествуваат во каква било активност што би се сметала за непочитување кон владата и владејачкото семејство).

Во 2016 година американскиот студент Тото Вармбиер бил затворен во Северна Кореја откако бил обвинет за кражба на пропаганден постер од неговата хотелска соба. Вармбиер бил затворен 17 месеци и подоцна бил ослободен, но починал од повредите здобиени додека се наоѓал во затворот во Северна Кореја.

3
Фото: Getty Images


По оваа случка американскиот Стејт департмент издаде ограничувања со кои се забрани употребата на американски пасош за патување во и низ Северна Кореја. И на државјаните на Јужна Кореја и на Малезија им е забрането да ја посетат Северна Кореја.

Посетителите на Северна Кореја мора да патуваат како дел од туристичка турнеја, иако многу туристички агенции сега нудат специјализирани тури за посета на невообичаените знаменитости и активности на земјата, како што е учество на маратонот на Пјонгјанг и тури низ пивниците.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот