X
 01.10.2016 Наука

Откриен фосил од досега непознат влекач, стар 200 милиони години

Откриениот фосил од влекач со необичен изглед, за кој се претпоставува дека е стар околу 200 милиони години, би можел да ја промени историјата каква што ја знаеме, но и да ни ја обзнани вистината како четвороножните животни го покориле светот.


Фосил од Дрепаносаурус


Научниците открија фосил од Дрепаносаурус со особено големи канџи на предните екстремитети што му служеле за извлекување инсекти од корите на дрвјата, нешто слично како кај денешните мравојади во Јужна Америка. Во студијата објавена во магазинот Current biology се споменува дека ова откритие ги менува досега познатите факти за еволуцијата на влекачите, пишува BBC

Фосилите се пронајдени во американската сојузна држава Ново Мексико, а според првичните заклучоци се работи за животно со големина на мачка и со живеалиште на дрвјата. „Главата му била како од птица, а телото како од камелеон, но најинтересни му биле предните екстремитети“, споделил предводникот на истражувањето, д-р Адам Причард од универзитетот Јеил. 

Предните екстремитети на влекачите им служеле и сè уште им служат за сешто, од движење и копање до пливање и летање. Меѓутоа, примарната функција им била непроменета низ целиот еволутивен период од 375 милиони години. „Рацете на четвороношците речиси без исклучоци следат некои правила според функцијата“, изјавил Причард. 

Тимот научници направил 3D реконструкција на влекач: „На нашата подлактица, на подлактицата од Tyrannosaurus rex или кај слоновите, постојат две паралелни коски – радиус (палечна коска) и улна (лакотна коска). Дрепаносаурусот ги немал овие коски и затоа ги руши сите досега познати обрасци. Од една страна ги поместува границите на сè што знаеме за развојот и еволуцијата на екстремитетите кај четвороношците, а од друга страна откритието претставува доказ за животниот стил на овој вид животно коешто независно се прилагодило на условите на средината, на начин на којшто денес истото го прават мравојадите. 

Д-р Николас Фрејзер, палеонтолог при Националниот музеј во Шкотска, вели дека периодот тријас од ерата на мезозоикот била доба на природна нестабилност и ова е само уште едно животно кое по многу параметри е неконвенционално, благодарение на коскениот систем што му овозможувал да копа со помош на големите канџи.

Дрепаносаурусот исчезнал кон крајот на тријасот и не се развил во ниедно животно што ѝ е познато да денешнината. Најверојатно, природните услови му наметнале таква физичка конструкција, за да може да преживее во конкретните услови. Но, овој е прв случај на исчезнување на вид што отстапува од познатиот образец.

Научниците продолжуваат со истражувањата во Ново Мексико, со надеж дека ќе откријат уште многу непознати нешта, особено преку фосилите од малите животни.  
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука