Логично ли е асистенти на факултет и наставници во средно школо да имаат исти плати, буџетот за образование за 2020 година е поголем, но главно поради зголемувањето на платите на наставниците. Разговаравме со д-р Ивица Стојаноски, хирург-уролог во скопската градска болница „8 Септември“, кој вели дека расте свеста кај мажите и се крши табуто кога станува збор за превентивен преглед кај уролог, ова се дел од темите што ги работевме изминатата недела.
„И тие што останавме, не знам до кога ќе тераме“, ни раскажа 38-годишен
асистент на факултет кој веќе осум години е на оваа позиција. Состојбите со млад научноистражувачки кадар на факултетите во Македонија се катастрофални, но уште позагрижувачки е третманот на оние малкумина што работат како асистенти на државните универзитети. Ем ги немаме ем може да се откажат.
Тој сам си ги плаќа докторските во странство, држи осум предмети, по 4 во еден семестар, предавања, вежби, оценува студенти... Тој е всушност универзитетски професор, но не и со плата и бенефиции. Зема само 22.000 денари, помалку од просечната плата и помалку од професор во средно училиште.
- Асистент станав откако се пријавив на конкурс. Првично бев одбиен, но огласот беше поништен бидејќи кандидатот што го примија не ги исполнуваше условите. Тука сум осум години - вели асистент кој ни ја раскажа својата приказна во која ни потврди дека статусот на вработените со овие научни звања воопшто не е ценет, ниту платен во земјава.
Помалку пари за високото образование, за наука, за изградба и реконструкција на ученички и студентски домови, за ученички стандард, но повеќе за плати на вработените во образованието. Ова е заклучокот што се добива ако се спореди
предлог-буџетот за Министерството за образование и наука за 2020 година со годинешниот буџет.
Вкупниот буџет за образование за следната година е проектиран на 26,7 милијарди денари (26.785.938.000) или за околу 11 милиони евра повеќе од годинашниот, кој изнесуваше околу 26 милијарди денари (26.096.948.000), но со ребалансот се намали на 25,2 милијарди денари.
Кога се во прашање инвестициите во образованието, предвидени се 821.558.000 денари, нешто повеќе од годинава (811.098.000), но повеќе од половината се планирани за изградба на училишни спортски сали во основни училишта (418.849.000 денари).
Д-р Ивица Стојаноски
Болки во долниот дел на карлицата, често мокрење, проблеми со мокрење, слаб проток на урина, крв во урината, болна ејакулација, болка во долниот дел на грбот и коските, губење на апетитот, губење на тежината се дел од симптомите што се поврзуваат со карцином на простата. Колку порано се открие, толку се поголеми можностите за негово лекување. Но ова не е единствената болест и состојба кај мажите за која најгласно се зборува во ноември.
Д-р Ивица Стојаноски, хирург-уролог во скопската градска болница „8 Септември“, вели дека расте свеста кај мажите и се крши табуто кога станува збор за превентивен преглед кај уролог. Тој е добитник на втора награда на Уролошкиот конгрес на Југоисточна Европа на тема: „Подобрување на детекцијата на карцином на простата со МРИ спектроскопија кај пациенти со претходна негативна биопсија, а растечки ПСА“.
- Фондацијата „Мовембер“ е единствената глобална добротворна организација фокусирана исклучиво на здравјето на мажите. Оваа фондација собира средства за иновативни истражувања и програми за поддршка кои им овозможуваат на мажите да живеат посреќен, поздрав и подолг живот. Ноември е месецот кога на преден план се става агендата на здравјето на мажите, се поттикнуваат разговори и се зголемува свеста за нивните здравствени проблеми. Сите активности што се преземаат се во насока на подигнување на свеста за ризиците за здравјето со кои се соочуваат мажите со цел да се јават на редовни превентивни прегледи.
За превенција од карциномот на простатата, кој е втор најчест карцином во машката популација, првиот преглед треба да биде на 40 години кај мажите што спаѓаат во ризична група, 50 кај мажите што спаѓаат во неризична група, а се прави еднаш годишно, вели д-р Стојаноски
Платите на професорите во високото образование не се покачени за 20 проценти во последните две години, туку за 15 отсто, што значи дека платата на асистент на факултет е иста или можеби помала од професор во средно образование, вели проф. д-р Елизабета Христовска од Техничкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола. Таа е револтирана бидејќи сите манипулираат со овој податок. Вели дека јавни функционери, но и медиуми постојано пишуваат дека и во високото образование има трето покачување на платите, но не е така.
- Се манипулира јавноста со податок дека со најавеното зголемување на платите во образованието за 10% оваа Влада ќе ги зголеми платите во овој сектор за вкупно 20%. Тоа е така за основното и за средното образование, но не е случај за високото образование. Вработените во високото образование не добиja зголемување на платите за 5% од септември 2018, туку само 5% од септември 2019, што значи со најавеното зголемување од 10% од 1 јануари вкупното зголемување на платата во високото образование ќе биде 15 проценти - вели таа.