X
 31.10.2021 Живот

Како глуварчето ја исцрта новата изложба на ликовниот уметник Тони Васиќ

Како што вели авторот, едни од најсовршените творби во природата - сите глуварчиња се нацртани, насликани од белината на хартијата и тие ја претставуваат и вештината за превртување, пофалбата на имагинацијата и одата за радоста

„Омеѓени приказ(н)и“ на визуелниот уметник и професор Тони Васиќ е новото уметничко остварување, кое во чест на празникот 11 Октомври ѝ беше понудено на француската ликовна јавност преку изложбата во македонската амбасада во Париз. Овој нов уметнички предизвик е претставен во серијата од дваесетина цртежи инспирирани од мотивот глуварче.
Изложбата ја отвори амбасадорката Јадранка Чаушевска-Димов, која не го криеше задоволството што првпат од почетокот на пандемијата на ковид-19 Амбасадата повторно е домаќин на еден културен настан, во присуство на многубројни и видни гости, како и припадници на дипломатскиот кор, пратеници, амбасадори, градоначалници, претставници на дијаспората и пријатели на Амбасадата.
Како што вели авторот, сите глуварчиња се нацртани, насликани од белината на хартијата и тие ја претставуваат и вештината за превртување, пофалбата на имагинацијата и одата за радоста.

- Цртежите се работени на бела хартија со туш и перце на формат 100 х 70 см, во време на карантинот и изолација (од 13 март 2020 до 13 септември 2021). Уметноста е дел од мојот живот на кој сум целосно посветен, но тука се и сите други животни определби. Прво, семејството, од кое ја имам целокупната поддршка, разбирање и љубов. Работата со студентите на Универзитетот „Американ колеџ“ - Скопје е многу инспиративна и Универзитетот е навистина место каде што секој од нас ја има неверојатната среќа и задоволство да работи - посочува уметникот Васиќ.
Со авторот разговаравме за неговите инспирации, идејата и мотивите за оваа изложба.



Младешка инспирација

Зошто токму Париз? Дали тоа значи дека македонската ликовна уметност е признаена од Европа и светот?


- Париз е мојата младешка љубов, првпат го запознав пред точно 30 години, во 1991 година, кога дојдов како апсолвент на Факултетот за ликовни уметности и оттогаш неколкупати сум престојувал. Секојпат престоите се на подолг период бидејќи само така и тогаш можете да го запознаете Париз во вистинското лице. Град кој со полни гради дише со културата и уметноста. Сите мои циклуси и изложби, почнувајќи од дипломската работа, сè до оваа последна моја изложба, настанаа во Париз, за време на моите студиски престои.
Покрај музеите кои ни се добро познати, постојат безброј галерии и уметнички настани од формален и неформален карактер. Еве, имам среќа сега да бидам присутен токму во периодот на еден од најголемите ликовни саеми ФИАЦ, кој се одржува во неколку павилјони низ градот. Сите галерии подготвуваат посебни изложби за овој есенски период и уште многу промоции на јавна уметност.
Шансата што ми се укажа да изложувам во ликовниот салон на нашата Амбасада во Париз е извонредна можност да се претставиме како македонски уметници, а истовремено е можност за воспоставување професионални контакти и искуства. Истовремено, овие проекти на македонското Министерство за култура и секторот за меѓународна соработка претставуваат промоција на македонската култура и уметност. Но не треба да се остане само на тоа, туку мислам дека е потребна поширока национална стратегија или нови форми за промоција на уметноста.
Само со личен ангажман и без професионално менаџирање на уметниците, тешко се пробива патот во светски рамки. И покрај тоа, постојат многу наши ликовни уметници кои се во меѓународен контекст извонредно признаени и вреднувани.

Глуварчето - совршенство на природата



Која е инспирацијата за цртежите на „Омеѓени приказ(н)и“?


- Директната инспирација е глуварчето, според мене, една од најсовршените творби во природата. Цртежите се изработени со еден класичен цртачки пристап, на самиот почеток исклучиво со туш и перце. Создадени се во 2020 и 2021 година, во периодот на изолација како артистички и личен одговор на наметнатите околности со кои се соочува индивидуално секој од нас, но и целиот свет. Наративниот приказ низ мунициозните цртежи на глуварчињата како феномен на трансформација е појдовна идеја за метафората која ја носи глуварчето како форма и која може да биде „оддувана“ и имајќи ја предвид нејзината кревка и кршлива природа.
Сите глуварчиња се нацртани, насликани, од белината на хартијата и тие ја претставуваат и вештината за превртување, пофалбата на имагинацијата и одата за радоста. Истовремено, сите цртежи се симболичен приказ и имаат лична и длабока емотивна приказна, која се обидувам да ја прикажам и низ насловите на делата... Во самиот процес на изработката на секој цртеж, кој трае помеѓу еден и два месеца, се случуваа низа емотивни моменти, трагедии и радости кои се испреплетени во линиите на цртежите.
Оваа изложба, чиј мотив е глуварчето, е плод на долгиот период на изолација, во кој сите ние ги спознавме осаменоста, тишината, медитацијата. Овој период ни овозможи да се свртиме кон себе и буквално да размислиме кои сме и што правиме. Јас овој период го разбрав како шанса да направиме „мајнд-ресет“ и повторно да се свртиме кон вистинските вредности во нашите животи.



Го избравте глуварчето како далечен мотив на оваа серија цртежи. Што сакавте да претставите преку него?


- Глуварчето во својот животен циклус, отпрвин како жолто цветче, е асоцијација на сонцето кое емитува радост, тоа е храна, чај, лек и многу повеќе. Но она што е најатрактивно е неговата идеална сферична форма - глава со неверојатна света геометрија од највисок ред. Тоа, за мене е сферично „чудо“, поделено со фузии на небесни елементи, поставени во внимателно аспектно-дијамантско совршенство, но со неверојатната кревкост. Под најмало влијание се распространува и во слободен лет, низ воздухот, создава приказ кој може да се задржи само за миг.
Глуварчето, иако кревко, успева да нè утеши со својата благост. Тоа нè потсетува дека убавината, магијата, радоста на живеењето можат да бидат краткотрајни. Но, идентификувајќи се со него, можеме да ја почувствуваме неговата чиста убавина, неговата леснотија што честопати ни е потребна за да ѝ избегаме на реалноста. Белото глуварче ја чува својата белина како знак на препознатливост, а цртежот како целина е приказна која е шепотена тивко, но страсно. Белото е претставено како заштитена ликовна зона на цртежот и е центарот на цртежот, неговиот внатрешен свет, неговиот ликовен ерос. Ако еросот е врховен копнеж по телесноста, тогаш тоа е изворниот копнеж на глуварчето, да биде телесно, да биде во просторот и времето макар кратко, кревко, менливо, минливо, ама да биде, според зборовите на академик Катица Ќулавкова во предговорот за изложбата.

Пандемијата не смее да ја убие креативноста



Дали и како пандемијата влијаеше врз Вас и Вашата уметност?


- Пандемијата никого не остави рамнодушен и навистина остави длабока трага на сите нас. Уште од почетокот ѝ пркосам и не се предавам, но сепак на моменти ме остави без зборови. Лично мене ми зеде неколкумина, особено драги личности, колеги и пријатели и сè уште ги чувствувам болката и празнотијата што не поминуваат. Но, сепак, како и сè во животот, го разбирам како предизвик со кој се борам и наоѓам одговор. Соочени со реалната опасност, прво сум претпазлив заради себе, моите блиски, но и заради сите други. Тоа го разбирам како совест и лична одговорност. Се соочивме со долгиот период на изолација кој, како што напоменав, ми овозможи нов простор и моменти за креативен израз. На почетокот првата асоцијација за изолацијата е осамата, тишината, медитацијата, аскетизмот. Таа е ослободување од вишокот комуникација со другите и од информацискиот стрес. Таа е пат кон себе. Таа е свртување на фокусот од феномените кон суштината и ме натера да се зафатам со изработка на серија цртежи со поголем формат и со чист класичен пристап, туш и перце. Отпрвин како мали скици, истражувања и подготовки. Потоа со првите можности да се излезе во природа се појави глуварчето како совршена форма која ми го привлече вниманието.

Дали е тешко да се биде уметник во нашата држава и да се најде сопствено место на уметничката сцена?


- Да се биде уметник во нашата држава е „специфична“ ситуација. Да се живее за уметноста може, но само од уметност не. Ова особено се однесува на младите уметници. Но, ентузијазмот и работата не смеат да изостануваат во ниеден момент, творечкиот елан е она што е мотив и треба да ве турка напред, колку и да изгледа тешко. За жал, не постојат, како што напоменав, форми на професионално менаџирање на уметниците, а ликовната критика е занемарена од многу аспекти. За медиумите, ликовната уметност не е интересна тема. Но како и во секоја друга професија, истрајноста, упорноста и напорната работа ќе вродат со плод.


Упорноста ја пополнува белината

Како ја дефинирате Вашата уметност, што Ве инспирира?

- Јас сум графичар според определбата во ликовната уметност и останувам верен во ликовниот израз на графиката. Но, сепак, во последно време цртежот е мојата главна преокупација. Уште како студент моите професори инсистираа на цртежот како форма која исклучително треба да се негува и ми ја всадија навиката, љубовта и посебноста на цртежот. Секогаш можете да го трансформирате во графика, слика, објект, но тој останува како архетипска форма. Еве, и додека сум тука настанаа неколку цртежи со мотиви од Париз.
Дефиницијата за мојата уметност е упорноста во трагањето по изразот и пробувањето различни форми на израз, од класични до современи и нивно комбинирање. Не треба да бегаме од она што го носи новото време и технолошките придобивки, но да не ги следиме слепо трендовите бидејќи тие се само минлива форма и да создаваме свој јазик, израз и стил. Бидејќи како уметници нас нè препознаваат исклучиво по делата што ги создаваме и нивната естетика. Инспирацијата е насекаде, само треба упорно да се трага по неа и да се размислува храбро, широко и без предрасуди и задршки.

Фото: приватна архива
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот