Автомобилите без возачи, целосно контролирани од компјутери, не се научна фантастика. Ваквите возила или роботакси веќе се достапни на некои пазари, но во случајот со компании како „Вајмо“ и „Круз“ (која во меѓувреме го прекина развојот на автономната такси-услуга), тоа се класични автомобили кои се надградени со технологија за автономно возење.
Кога велиме класични автомобили, мислиме на возила со предни седишта, волан, педали за гас, сопирачки и слично.
Но, наскоро патниците би можеле да се возат со автомобил кој е дизајниран исклучиво за автономно возење и во кој нема волан и не можете да притиснете гас или кочница, туку може да се контролира само со компјутер. Станува збор за автономните возила на „Зукс“, компанија која „Амазон“ ја презеде пред четири години и за која има големи планови. Тестирањето на нивните возила веќе е почнато на четири локации во САД: Сиетл, Сан Франциско, Фостер Сити и Лас Вегас.
Последните информации покажуваат дека денот на пуштање на официјалната услуга е прилично блиску, но не се знае дали ќе ја има на сите споменати локации или ќе започне прво со еден град и во зависност од впечатоците на патниците, ќе ја прошири својата услуги понатаму. Медиумите шпекулираат дека услугата најпрво би можела да биде лансирана во Лас Вегас. Планот на „Зукс“ вклучува илјадници од овие возила на патиштата, а доколку сѐ оди според планот, бројот на нивните возила постојано би се зголемувал.
Треба да се нагласи дека засега работите не се одвиваат според планот и без проблеми, бидејќи автономните автомобили на „Зукс“ доживеаја две сообраќајни несреќи поради нагло кочење. Во тие несреќи немаше сериозни повреди, но беше доволно американската администрација за безбедност на сообраќајот на автопатите да започне истрага за „Зукс“.
Со оглед на тоа што дел од жителите на американските градови сѐ уште не се навикнале или не се приспособиле на автономни возила кои барем наликуваат на класични автомобили, прашање е како ќе прифатат вакво необично такси.
Извор:
Zimo.dnevnik.hr
Фото: Zoox